1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Хитлеровиот телефон продаден на аукција

Ж.А. /агенции
20 февруари 2017

Црвениот телефон на Адолф Хитлер, пронајден по крајот на војната во бункерот на „фирерот“ во Берлин, е продаден во САД за 243.000 долари.

https://p.dw.com/p/2Xu6Y
Reisetelefon von Adolf Hitler wird versteigert
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/P. Semansky

Продажната цена на телефонот на Хитлер одговара на очекувањата на Аукциската куќа за историски аукции Александер, нејзините експерти вредноста на апаратот ја проценија меѓу 200.000 и 300.000 долари. Купувачот на телефонот останува анонимен, на аукцијата одржана вчера во американската сојузна држава Мериленд, заинтересираните можеа да наддаваат телефонски од цел свет.

Преку црвено обоениот телефон, Хитлер во последните воени години издал најголем дел од своите наредби. На апаратот, производство од Сименс, се гравирани неговото име и кукаст крст со орел.

Продаден „мобилниот“ телефон од Хитлер

Аукциската куќа наведе дека Хитлер телефонот го носел насекаде со себе, користејќи го во својот автомобил, возовите, неговите штабови, а од него не се одделил ни во своите последни очајнички денови пред крахот на нацистичкиот режим.

По Хитлеровото самоубиство и падот на Третиот рајх, апаратот бил најден во бункерот на „фирерот“. Руските офицери му го подариле на британски војник, по чија смрт го наследил неговиот син.

Аукциската куќа го нарече телефонот „можеби најразорувачко 'оружје' на сите времиња“, зашто преку него Хитлер издал наредби за убивање на милиони луѓе.