1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Херта тоне незапирливо?

19 октомври 2009

Двете водечки екипи во Бундеслигата во директен дуел ги поделија бодовите. Шансата за приклучок кон врвот ја искористија екипите што ги следат. Последната, Херта Берлин, го претрпе осмиот пораз по ред сезонава.

https://p.dw.com/p/KACq
Бунјаку од Нирнберг го слави третиот гол во мрежата на голманот на Херта, БурхертФотографија: AP

Борусија од Дортмунд ги израдува своите 70 илјади навивачи на стадионот Вестфалија, со победата од два спрема нула против Бохум, на синоќешниот (18.10.2009) последен натпревар од деветтото коло од Бундеслигата. Борусија со тоа конечно се одвои од дното на табелата и сега се наоѓа на десеттото место. Бохум, наспроти тоа, повторно е во опасната зона.

Неуверливо, но ефикасно, играше шампионот Волфсбург во вториот вчерашен натпревар во Бундеслигата и победи со 2:1 против Борусија од Менхенгладбах.

„Тоа не беше убава игра од наша страна, но важно е дека и натаму имаме приклучок кон врвот на табелата“, изјави по мечот капитенот на „Волците“, босанскиот репрезентативец Звјездан Мисимовиќ. Волфсбург, со оваа победа, се искачи на петтото место. Борусија од Менхенгладбах, по петтиот пораз по ред, падна на претпоследното - 17 место.

Здодевен меч меѓу водечките Бајер Леверкузен и Хамбургер

Барем на хартија, дуелот меѓу второпласираниот Хамбургер и лидерот на табелата Бајер Леверкузен беше топ-натпревар. На теренот, меѓутоа, тоа беше само здодевен меч меѓу две екипи кои изгледаа и играа уморно. Таков беше и резултатот - без голови 0:0. Тренерот на Леверкузен, Јуп Хејнкес на крајот беше задоволен со освоениот бод на гостински терен и задржувањето на првото место на табелата: „Хамбургер создаваше поголем притисок и ја контролираше играта во поголем дел од натпреварот. Ние главно се потпревме на нашата организирана одбрана односно на дефанзивниот пристап кон играта.“

Bundesliga Hamburger SV gegen Bayer Leverkusen
Сцена по „пријателскиот “ меч на водечките: Хамбургер и Бајер ЛеверкузенФотографија: AP

Со оглед дека двете водечки екипи ги поделија бодовите, како победници на ова коло можат да се сметаат тимовите кои ги следат. Шалке 04 се зацврсти на третото место на табелата со победата на гости против Штутгарт со 2:1. Поразот, пак, ги турна „Швабите“ во уште поголема криза. Штутгарт, во моментов, се наоѓа на 13. место на табелата.

И Вердер од Бремен го задржа приклучокот кон врвот на табелата со победата против Хофенхајм на домашниот стадион „Везер“, со 2:0. На крајот од мечот, тренерот Томас Шааф имаше многу пофалби за неговите играчи: „Тимот играше извонредно. Многу сум задоволен дека пронајдовме вистинска игра и дека ни‘ успева да добиеме се‘ повеќе сигурност.“

Херта игра очајно

И Бајерн од Минхен имаше успешен настап во деветтото коло од Бундеслигата. Рекордерот во шампионски титули во Бундеслигата, на гости го совлада новајлијата Фрајбург и веќе не мора вкочането да гледа во часовникот. Имено, по 315 минути без постигнат гол, младиот напаѓач Томас Милер ја прекина црната серија на Бајерн.

Bundesliga Freiburg gegen Bayern München
Лука Тони и Марк ван Бомел прославуваат со стрелецот на првиот гол за Бајерн Минхен против Фрајбург, Томас МилерФотографија: AP

Во дуелот меѓу Келн и Мајнц победи домаќинот од градот на Рајна. Келњаните славеа со минимални 1:0. Тоа не беше убав натпревар, но Келн освои три важни бодови за борбата за опстанок и конечно се одвои барем малку од дното на табелата. Тимот на Мајнц, за кој настапи македонскиот репрезентативец Николче Новевски, и покрај поразот и натаму е пласиран на средината на табелата.

Победа на домашната екипа имаше и во Франкфурт. Ајнтрахт го победи Хановер со 2:1. И двете екипи остануваат на средината на табелата.

Многу храбри, во моментов, мора да бидат навивачите на Херта од Берлин. Во деветтото коло, Берлинчани го забележаа осмиот пораз. Дури и во мечот со новајлијата во лигата Нирнберг, Херта играше очајно и загуби со 3:0.

„Екипата не спроведе ама баш ништо од она што го договаравме. И затоа, едноставно морам да ја искритикувам“, изјави по мечот во Нирнберг новиот тренер на Херта, Фридхелм Функел.

Доколку тимот од германската престолнина продолжи да игра вака, му се заканува испаѓање од лигата по цели 18 години.

Автор: Кале Копс / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска