Хемиско оружје во рацете на џихадистите?
22 септември 2016По еден ракетен напад на „Исламска држава“ во Ирак, постојат сомневања дека притоа е употребено хемиско оружје.
Проектилот на ИД паднал во една воена база во северен Ирак во вторникот (20.9.2016) Со оглед дека на делови од ракетата се наоѓала сомнителна катранеста супстанција, примероци од неа биле испратени во лабораторија. Првиот тест бил позитивен на присуство на иперит, соопшти американското Mинистерство за одбрана. Вториот тест меѓутоа не можел да го потврди тоа, па затоа сега се спроведува сеопфатна анализа.
Американските војници, кои исто како и домашните воени сили се стационирани во ирачката база Каџара Запад, не покажале никакви симптоми на изложеност на иперит, соопшти Пентагон. Сепак, тие минале низ рутинска детоксификација. За ракетниот напад врз воената база одговорноста ѝ е префрлена на теористичката милиција „Исламска држава“ .
Стратешка позиција за ослободување на Мосул
Воздухопловната база Каџара беше ослободена од рацете на ИД во јули годинава. Таа важи за важна стратешка позиција за планираното ослободување, односно повторно освојување на градот Мосул, кој е под контрола на Исламска држава и се наоѓа на 60 километри северно од базата. Од почетокот на интервенцијата на воената коалиција предводена од САД во есента 2014 година ИД ја губи контролата на сѐ поголеми територии во Ирак. Мосул е последниот ирачки град, кој сѐ уште се наоѓа во рацете на џихадистите.