Хелмут Кол меѓу кандидатите за Нобеловата награда за мир за 2012-та
27 февруари 2012Бил Клинтон, Хелмут Кол, Европската унија и поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко, која во моментот е во затвор, се само некои од номинираните за Нобеловата награда за мир за годинава, соопшти денеска Нобеловиот институт во норвешкиот главен град Осло.
Станува збор за вкупно 231 номинација меѓу нив 43 институции. Но ова не е рекорд , изјави директорот на институтот Гејр Лундестад. Рекорден број кандидатури - 241 е забележан минатата година.
„Како и секогаш, има од оние кои се редовно ’номинирани’ и нови имиња,
славни и непознати личности, од сите делови на светот“, изјави Лундестад.
Покрај Јулија Тимошенко за наградата е номиниран уште еден затвореник – Брејди Менинг, кој е обвинет дека на сајтот Викиликс му доставил околу 260.000 тајни и полутајни депеши на американскиот Стејт департмент.
Нобеловата награда за мир минатата година им беше доделена на три жени
- Либеријките Елен Џонсон Сирлиф и Лејмаг Гбови, како и на Јеменката Тавакол Карман.
Годинешниот добитник на престижното признание ќе биде соопштен во октомври, а наградата традиционално се доделува на 10-ти декември, на годишнината од смртта на нејзиниот основач, шведскиот изумител на динамитот Алфред Нобел.
Автор:СН/ЖА/мф/дпа
Редактор: Жана Ацеска