1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајнц-Јирген Акст: Европа не гледа сериозно кон Македонија!

Силвера Падори-Кленке4 јуни 2013

Во доближувањето на Македонија кон ЕУ има стагнација. Блокадата останува, но и впечатокот дека Унијата не гледа сериозно кон Македонија, која нема ниту еден поддржувач во ЕУ, оценува за ДВ проф. д-р Хајнц-Јирген Акст.

https://p.dw.com/p/18cFt
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Стагнацијата е вистинскиот збор што може да се искористи за да се дефинира  доближувањето на Македонија кон ЕУ. Стагнација има на обете страни – и кај Унијата и кај македонското општество и политика. Во Унијата постои замореност и нема вистински напор да влијае да се надминат разликите околу спорот со името. Грција непроменето и натаму блокира. Останатите европски држави немаат никаков интерес блокадата да ја отстранат. Од стана на Македонија гледам еден вид контрареакција на очекуваните сигнали од Брисел и од главните градови на водечките земји на Унијата. Има свртување навнатре, враќање кон античкото наследство и зголемување на чувството дека Европа не гледа сериозно кон Македонија и не ги почитува дадените ветувања“, изјави за ДВ професор д-р Хајнц-Јирген Акст, добар познавач на Балканот и долгогодишен раководител на катедрата Жан Моне на Универзитетот Дуизбург – Есен.

Ниту еден вистински ЕУ-поддржувач

За Македонија многу е разговарано, особено последниве месеци - во Европскиот парламент, во Европската комисија, на многу билатерални средби, а помалку во Европскиот совет и на ниво на шефови на влади и држави, кога се случуваше темата Македонија да биде заобиколена или воопшто и да не стаса на дневен ред! Подолг период доближувањето на Македонија кон ЕУ во фокусот го одржува комесарот за проширување Штефан Филе. Но, наспроти тоа, нема вистински најави дека европскиот пат на Македонија во јуни конечно и ќе биде отворен. За она што го прави Комисијата професор Акст е категоричен дека таа е меѓу релевантните фактори во Унијата која ги почитува ветувањата околу проширување дадени во Солун во 2003 година. Комисијата и пет пати по ред предложи старт на пристапните преговори со Македонија, водена од идејата дека кога процесот ќе стартува, ќе има нов елан и напоредок во доближувањето. Наспроти ова, меѓутоа, има отпор и воздржаност во главните градови на членките на ЕУ. 

Leipziger Buchmesse Panel Endstation Kroatien? Heinz-Jürgen Axt
Хајнц-Јирген Акст: Македонија нема вистински пријател од државите на ЕУФотографија: DW/N Rujevic

„Мора да се констатира дека комесарите и Европската комисија не се тие кои конечно одлучуваат. Тоа се, како што знаеме, земјите членки на ЕУ. Тоа е состојба што и‘ оди од рака на Грција, зашто нема ниту една ЕУ држава која серизно го поддржува доближувањето на Македонија до Унијата. Тоа е трезвена анализа со која мора да се соочиме“, коментира професор Акст.

Решавачки е зборот на канцеларот

По дипломатската офанзива пролетва и разговорите во Берлин на министерот за надворешни работи Никола Попоски, впечаток беше дека германскиот Бундестаг ги поддршува и ќе влијае за почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Колкава е тежината на  поддршката која ја даваат парламентарците, или на крајот последниот збор сепак ќе го има  канцеларката Меркел?

„Во оваа ситуација сигурно дека исклучително е значаен гласот на сојузниот канцелар. Не гледам дека парламентарците се во ситуацијата по ова прашање да ја надгласаат владината фракција и канцеларката. Сигурно дека во опозицијата и во владеачките пратенички групи има луѓе кои ја застапуваат тезата дека понуденото пристапно членство позитивно ќе влијае врз развојот на Македонија. Би кажал вака: поддршката за Македонија можеби не е од гласовите од маргините, но не е ни тенорот кој е стожер на „мелодијата“ во Бундестагот. Пратениците во Бундестагот во моментнов целосно се преокупирани со полноправното членство на Хрватска и второ: што ќе се прави со Србија и Косово и може ли да влијаат да се спроведе програмата во 15 точки. Тоа се темите од блокот Југоисточна Европа во Бундесагот. Повеќе навистина не гледам“, подвлекува професор Акст кој одговара и на прашањето: што ќе се случи со Македонија доколку во јуни земјата уште еднаш не стаса на расправа или добие ново вето?

Dunkle Wolken über dem Reichstag
Најголема тежина од гласовите во Бундестагот, кога е во прашање и Македонија, има оној на сојузниот канцелар!Фотографија: picture-alliance/dpa

„Од аспект на мотивацијата  - состојбата во Македонија е апсолутно неподнослива. Македонија самата можеби би придонесла доколку ги минимизира интеретничките затегнатости и доколку покаже дека во спорот со името навистина е подготвена за компромис. Тоа се двете работи кои Македонија ги има во свои раце. Но, ќе повторам уште еднаш: државите на ЕУ и Грција се оние кои управуваат со темпото на доближувањето. Од морална гледна точка, ЕУ е неубедлива, зашто толерира една држава членка толку силно да го блокира ветувањето кое Унијата го даде во Солун во 2003 година“, вели во разговор за ДВ професор д-р Хајнц-Јирген Акст, познавач на Балканот и Македонија.