1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хауит: Македонија припаѓа кон ЕУ

14 март 2012

Примерот на Македонија покажува дека добивањето кандидатски статус ни оддалеку не значи почеток на преговори за прием во ЕУ, истакнато при денешното разгледување на извештаите за напредокот на земјите од Балканот во ЕП.

https://p.dw.com/p/14KUr
d HowittФотографија: picture alliance/dpa

Македонија веќе шест години е кандидат за членка во ЕУ, но спорот со Грција околу официјалното име на државата го блокира натамошниот напредок на преговорите со ЕУ, патем и приемот во НАТО. Во денешната расправа во Европскиот парламент во Стразбур европратеникот Елмар Брок беше огорчен поради тоа:

„Навистина не разбирам, не ги разбирам двете страни. Да не може да се постигне договор околу ваква работа! Мислам дека напредокот на Европа не треба да зависи од тоа. Затоа, сметам за правилно, да побараме од овие две земји да го решат ова прашање, кое не е од поголемо значење за конечно да преминеме на суштински прашања“.

Грците и натаму пружаат отпор против секаков пробив, не сакајќи Поранешната Југословенска Република Македонија да го носи истото име како и северната грчка провинција. Владата во Атина стравува од територијални претензии.

Symbolbild EU Parlament
Фотографија: picture-alliance/dpa

Британскиот европратеник и известувач за Македонија, Ричард Хауит, меѓутоа, е дециден:

„Македонија припаѓа кон ЕУ. Пристапните преговори треба да започнат што поскоро“.

Додека Македонија тапка в место поради спорот со Грција, Србија направи исчекор - на последниот самит на ЕУ, пред две недели, и‘ беше доделен кандидатски статус. Хрватска следната година се придружува на ЕУ, а најдобри шанси за прием по неа има Исланд, кој веќе заврши повеќе преговарачки поглавја.

Политички уште доста далеку од ЕУ се БиХ и Албанија, кои немаат ниту кандидатски статус, а нема поголеми изгледи дека тоа во догледно време ќе се промени. Европарламентарците особено го критикуваа неединството во БиХ по национална основа, што практично ја парализира. Од ЕУ-перспектива, значи, Балканот останува еден вид крпеница. Ќе поминат уште многу години додека да бидат затворени овие политички празнини среде Европа.

Автор: Каи Ринекер/ Ж. Ацеска

Редактор: Е. Милошевска Фиданоска