1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамид Карзаи останува претседател на Авганистан

2 ноември 2009

Откако поранешниот министер за надворешни работи Абдула Абдула го откажа учеството на изборите закажани за в сабота, изборната комисија го прогласи Хамид Карзаи за претседател на Авганистан. Одлуката ја поздравија и ОН.

https://p.dw.com/p/KLeg
Логото на изборната комисијаФотографија: AP Graphics

Авганистанската изборна комисија денеска го прогласи Хамид Карзаи за старо-нов претседател, откако претходно го откажа прегласувањето на претседателските избори. Прегласувањето требаше да се одржи в сабота, на 7 ноември, откако изборите во август беа оспорени поради големиот број неправилности и манипулации. „Изборната комисија го прогласува Хамид Карзаи за претседател, бидејќи тој беше победник во првиот круг и единствен кандидат во вториот круг“, изјави шефот на комисијата Азизула Лудин.

Поранешниот шеф на дипломатијата, Абдула Абдула се повлече од изборната трка за време на викендот, изјавувајќи притоа дека не верува во кредибилитетот на изборниот процес.

Во текот на денот во Кабул пристигна генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун во обид да посредува во политичката криза во земјата. „Ние го поддржуваме авганистанскиот народ во неговите напори за мир и просперитет“, изјави Бан.

Повлекувањето на Абдула од изборите фрли нова сенка врз легитимитетот на владата, кој веќе беше доведен во прашање по нерегуларностите на августовските избори.

Слабата влада во Кабул му создава проблеми и на американскиот претседател Барак Обама, која размислува дали да испрати дополнителни 40 илјади војници за борба против талибанците.

Штабот на Карзаи соопшти дека дополнително ќе се изјасни по одлуката на изборната комисија. Вчера, оттаму ја отфрлија можноста за коалицирање со Абдула. Поранешниот министер, пак, беше претпазлив во отфрлањето на можноста за постигнување политички договор со Карзаи. Во следните денови господин Карзаи треба да ги расчисти прво своите работи. Јас не ја затворам вратата, таа останува отворена, но истовремено стојам зад принципите кои ги застапував во мојата кампања, изјави Абдула.

Бан Ки Мун во меѓувреме му честиташе на Карзаи на победата и го поздрави откажувањето на вториот изборен круг. Откажувањето на вториот изборен круг претставува олеснување и за Обединетите нации и за силите на НАТО во земјата, поради големиот ризик од напади на талибанците за време на изборниот ден.

Автор: БГ/ГЧ/дв/ројтерс

Редактор: Александра Трајковска