1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хамас не може да биде победен со војна

Рајнер Золих30 декември 2008

Израел неколку дена бомбардира цели во појасот на Газа. Бројот на жртвите постојано се зголемува, а арапскиот свет е вознемирен. Дали Хамас може навистина да биде победен на овој начин? Рајнер Золих коментира.

https://p.dw.com/p/GOjy
Стотици загинати и ранети во израелските нападиФотографија: AP

Јасно е дека Хамас е главниот виновник за ескалацијата на судирот во Газа. Со едностраниот прекин на огнот пред девет денови и со новите ракетни напади врз израелски населени места, свесно калкулира со противничките воени напади врз Газа. И не само тоа, покрај недвосмислените предупредувања, Хамас го провоцираше Израел, иако моментот и размерите на бранот напади изненадија.

Без сомнение, Израел има право да ги одбрани своите граѓани од насилнички напади. Не може да се очекува ниту да има обѕири кон членовите на едно движење што не го признава правото на постоење на еврејската држава и се бори против неа со насилство. Но, секоја демократска држава би требало јасно да се разликува од ваквите противници, покрај другото и со тоа што колку е можно повеќе ќе ги поштеди цивилите при воените акции. Меѓународните медиумски извештаи и телевизиските снимки сепак будат сомнеж за сразмерноста на употребата на сила. Навистина е тешко да се поштедат невините во густо населениот појас на Газа, затоа што Хамас, заради сопствена заштита, ги распореди командните центри во населените области. Но, колку сериозно беше направен обид? И колку сериозно Израел ги процени изгледите за успех на сопствените воени операции?

Подобро погледнато, Израел може само да загуби. Од ден на ден, пролевањето крв буди гнев во арапските земји и уште сега ја слабее позицијата на сите оние што се залагаат за историски компромис со Израел. Во најлош случај, може да дојде до неконтролирано проширување на насилството: либанската Хезболах милиција веќе прогласи вонредна состојба за своите борци, Иран објави неограничена солидарност. Меѓународната заедница не би смеела да прифати смрт на се’ поголем број луѓе и опасност од разгорување на конфликтот во регионот на Блискиот Исток: таа мора веднаш да стори се’ за енергично да ги обврзе двете страни на примирје.

Но, за една работа Израел не може да си прави илузии: како и да е, Хамас ќе остане опасен, дури иако привремено биде ослабнат. Напротив, со сегашниот развој, организацијата ќе биде дури морално зајакната и собира поени на Западниот брег. Загубата на лица и инфраструктура, дури и можниот насилен крај на владеењето во појасот на Газа - Хамас, сево ова може или би можело долгорочно да го преболи. Единственото нешто што навистина може да биде опасно за Хамас би биле видливи олеснувања за палестинското население и решение за блискоисточниот конфликт, прифатливо за сите страни.