Хаити-една година по земјотресот
12 јануари 20111,3 милиони луѓе останаа без покрив над главата, а владата беше тотално немоќна да излезе на крај со ситуацијата. Само со меѓународна помош можеше некако да се задржи јавниот ред и мир. Како е во Хаити една година по земјотресот?
Една година во шатори
Шамп де Мас среде Порт-о-Пренс е симбол. Една година по земјотресот тука речиси ништо не е променето. Се наоѓа на маргините на големиот простор на урнатата претседателска палата. Тоа е камп за бездомници, со шатори и колипки. Овде луѓето живеат веќе една година. Меѓу нив е и Рејнолд:
„Немаме што да јадеме. Во шаторите е топло, немаме работа. Од земјотресот наваму живееме очајно, а од меѓународната помош не добиваме речиси ништо.“
На улиците околу кампот се пробиваат џипови на меѓународните хуманитарци, возејќи сосема бавно. Постојано има колони. Тоа се возила на сините шлемови на ОН и полицајци. Во земјата ги има околу 12.000. Тоа е една од најголемите мисии на ОН во светот. Покрај тоа, има возила со налепници од сите можни хуманитарни организации во светот што можат да се замислат – Црвен крст, Помош за гладните во светот, христијански групации од САД. Порт-о-Пренс стана светски град во вистинска смисла на зборот. Најџел Фишер е шеф на хуманитарната помoш на ОН во Хаити. Постигнато е многу, нагласува тој:
„Мислам дека првиот бран итна помош беше прилично успешен. Три месеци по катастрофата во камповите имавме околу 1,5 милиони луѓе. Таму имаат вода, добиваат медицинска нега. Успех беше што не избија безредија.“
Катастрофални хигиенски услови
Итната помош е едно. Од обновата на земјата, меѓутоа, не може да се види ништо. Во камповите за бездомници се‘ уште живеат повеќе од милион луѓе. Повеќето урнати објекти не се расчистени, на многу места владеат катастрофални хигиенски услови. Ѓубре и смрдеа на урина. Идеални услови за ширење на колера, од која досега заболеа 150.000 луѓе, а починаа 3.500. многумина велат дека недостига координација на меѓународната помош. Бен Смиловиц од „Дизастер Аконтабилити Проџект“, вели:
„Лудо е колку организации се присутни овде. Дел од нив дури не се ни регистрирани. Толку многу групи велат дека се грижат за вода и тоалети, но колерата се шири поради тоа што нема доволно вода и тоалети. Мислам дека за состојбата се одговорни големите донаторски организации.“
Голем дел од меѓународните хуманитарци, пак, покажуваат со прст на владата во Хаити. Корупција, неносење одлуки, политички хаос. На луѓето во кампот Шамп де Мас им претстојат уште месеци или дури и години во шатори. Итната помош во Хаити го спречи најлошото, но многу жртви на земјотресот имаат малку надеж за иднина.
Автор: Мартин Полански/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска