Фудбалско враќање на Пелистер
5 октомври 2012Пелистер, еден од најголемите центри на фудбалските збиднувања е само една од многуте контраверзни стории на македонскиот спорт. Клубот респектиран, кој порано стана дел и од екс-југословенстата Прва лига, мина низ голготата на резултатско урнисување. Со враќањето во најквалитетната македонска лига, на повидок е нов узлет на Пелистер. Миле Димов од позиција на спортски директор верува дека темниот клупски период останува само минато:
„По излегувањето на Пелистер на европската сцена против Апоел, за кусо време се случија некои несакани работи во клубот и во градот под Пелистер. Тоа се влечеше цели 4 години. Пелистер испадна од Првата лига и се натпреваруваше во понизок ранг. За среќа, сега градот застана зад клубот, а со тоа и советниците во градската управа. Експресно клубот го вративме во првата лига и сега се наоѓаме во средината од првенствената табела. Интенцијата е, оваа година да се стабилизираме како клуб, а во наредната со некои засилувања да јуришаме на една од домашните титули и кон вратата на Европа.“
Градење на нов имиџ со сопствени сили
Од летото, на клупата на Пелистер е Горазд Михајлов. Млад тренер со највисоки стручни квалификации,кој во изминатите неколку години работеше на Исланд. Вели, дека Пелистер за секој тренер е голем предизвик, а еве и зошто:
„За мене е голем предизвик што сум тренер на еден ваков клуб популарен и надвор од границите на Македонија. Мене ми е драго поради фактот дека на списокот од 25-мина првотимци дури 23-ца потекнуваат од школата на ФК Пелистер. Тоа, за македонски прилики е вистински куриозитет и единствен случај само двајца играчи даа не се поникнати во клубот.“
Димов само потврдува дека клупската визија е резултатско стабилизирање и форматирање на тимот врз база на сопствени сили:
„Визијата на клубот е потпирање на нашите млади кадри. Познато е дека Пелистер одсекокаш ја имал една од најдобрите фудбалски школи во Македонија. Мислам дека со сопствените сили ќе го креваме се повисоко.“
Фудбалска Европа е во мислите
Горазд Михајлов со оптимизам зборува за перспективата на Пелистер, амбициран во една од наредните сезони да обезбеди излез и во Европа:
„Во разговорите што ги имав со клубските челници, единствена цел ни беше оваа година да го направиме Пелистер да биде стабилен прволигаш. Подоцна, со подобри финансиски услови играчки да се зајакнеме и во сезоната 2013-2014 да направиме поголем прогрес и да влеземе на европската фудбалска сцена.“
Пелистер отсекогаш е препознатлив и според своите приврзаници. Тие во се поголем број се враќаат на трибините на стадионот под Тумбе Кафе. На дербито во Скопје , битолските фудбалери беа придружувани од околу 1000 навивачи.