Фудбалската магија низ очите на Васил Рингов
12 јули 2010Фудбалската магија од југот на Африка се’ уште силно е присутна, под импресиите од синоќешното финале. Полн со впечатоци е и Васил Рингов, едно од најголемите имиња на македонскиот фудбал. За него е очекувана победата на Шпанија. „Заслужено го освоија првото место. Имаат континуитет, беа европски прваци, уиграни се, немаат нови играчи. Можеби требаше да победат во регуларниот дел.“
За новиот, трет финален крах на Холандија Рингов вели: „Мислам дека нешто им фали. Сигурно е дека ќе направат анализи, но за Холандија и ова е добар успех. Шпанија сепак индивидуално е посилна од Холандија.“
Највпечатливите моменти од светското првенство за Рингов се следниве: „Најнапред би ги издвоил судиските грешки! На вакви натпреварувања не би требало да се случуваат. Потоа впечатливо беше дека има многу тактики во играњето. Фудбалерите немаа голема слобода во играта, туку тренерите им наметнуваа тактички задачи. Затоа до четврт финалето првенството не беше многу атрактивно. Од убавите работи: паѓаа голови, имаше многу публика, фудбалот беше интересен, со еден збор фудбалот е најубавиот спорт.“
На прашањето за најистакнатите поединци на светското првенство, Рингов одговара во свој стил: „Јас ги преферирам напаѓачите. За мене импресивен беше и целиот среден ред на Шпанците и особено холандскиот напаѓач Робен. Забележав дека и одбрамбените играчи мораат да знаат фудбал за да играат вакви натпревари.“
И изборот на Уругваецот Диего Форлан за најдобар играч на првенството смета дека е правичен: „Даваше голови, ја водеше целата репрезентација на Уругвај напред. Заслужено е најдобар играч на првенството.“
Фудбалот бара освен таленти и организација
Рингов вака ја коментира релацијата Македонски фудбал-Мундијал. „Македонија во моментов е многу далеку, но и многу блиску до светското првенство. Кај нас фудбал се играл и ќе се игра. Но, за мене има една несфатлива работа: фудбалот не се само оние што ќе истрчаат на теренот, туку треба и организација. Трба да се признае дека грешиме и дека треба да почнеме од нула. Бидејќи таленти има во сите градови, но на 15 до 16 години нашите таленти се губат.“
Наскоро започнуваат квалификациите за Европското првенство. Од противниците во групата во која е Македонија, на Мундијалот беше само Словачка. Васил Рингов смета дека е тоа силна репрезентација. „Фантастична репрезентација! Првпат беа на светските првенства. На почетокот не беа опуштени, но тоа што го направија против Италија беше одлично!“
Автор: Златко Калински
Редактор: Александра Трајковска