Фудбалот ги слави своите ѕвезди
10 јануари 2011Еден победник веќе е познат уште пред почетокот на свеченоста во Цирих. Тоа е фудбалскиот клуб Барселона. Сите тројца кандидати во финалниот избор на Светската Фудбалска Федерација (ФИФА) се играчи на овој клуб- Аргентинецот Лионел Меси и Шпанците, Андрес Ињеста и Чави Ернандес. Иако во кругот на набљудувачите а и самиот конкурент 30 годишниот Чави се изјаснуваат за 23 годишниот Меси, може релативно слободно да се појде од тоа дека ќе победи еден од двајцата Шпанци. Имено традиционално во годините кога се одржува Светското првенство секогаш титулата најдобар играч на годината ја понесувал играч од редовите на светскиот првак.
Генерално се типува на 26 годишниот Ињеста кој го постигна одлучувачкиот гол во финалето на Мундијалот во Јужноафриканската република.
Германските играчи без шанси
Кога во есента минатата година беше објавена првичната листа од 23 имиња, за кои гласале националните селектори, капитените на репрезентациите и новинарите, се’ уште изгледаше добро за германските играчи. На неа имаше дури петмина членови на младата германска репрезентација која со играта воодушеви на СП: Томас Милер, Филип Лам, Бастијан Швајнштајгер, Мирослав Клозе и Месут Езил. На ниту еден меѓутоа не му успеа да направи скок меѓу најдобрите тројца. Со тоа победникот од 1991 година Лотар Матеус е досега единствениот Германец избран од ФИФА за најдобар светски играч.
Марта, Бајрамај или Принц
Сосема поинаку и далеку подобро за Германија изгледа трката во женска конкуренција. Покрај Бразилката Марта меѓу првите три кандидати се најдоа и две германски фудбалерки, Биргит Принц и Фатмире Бајрамај. 33 годишната Принц би можела да ја прекине серијата на 22 годишната Марта која четирипати едноподруго победува на изборот. За рекордерката по настапи во германската репрезентација тоа би била четврто највисоко признание по 2003, 2004 и 2005 година. 22 годишната Бајрамај припаѓа кон новата генерација германски репрезентативки и за првпат влегува во овој врвен круг.
Како најдобра светска тренерка на Мундијалот во 2011?
И кај тренерите во женска конкуренција, номинирани се две Германки. Притоа сосема е возможно селекторката на германската репрезентација Силвија Најд, на СП годинава во Германија да ги дочека колешките како најдобра во светот. Покрај 46- годишната Најд меѓу првите три изненадувачки се најде и селекторката на младата германска репрезентација 37 годишната Марен Мајнер, која сепак е аутсајдер. Жестока конкурентка на Најд без сомнеж ќе и биде 50 годишната Швеѓанка Пиа Сундхаге која со години успашно ја води репрезентацијата на САД.
Двајца Шпанци и Мурињо
Ни тренер од Бундеслигата ниту пак селекторот на германската репрезентација Јоаким Лев не се најде во финалниот избор за најдобар тренер во светот во 2010 година. Сите тројца кандидати имено работат во земјата на светскиот првак. Двајцата Шпанци, Винсенте дел Боске 59 годишниот селектор на шпанската репрезентација и 39 годишниот тренер на Барса, Жозеп Гвардиола наспроти себе го имаат тренерот на реал Мадрид , Португалецот Жозе Мурињо. Можеби Шпанците вечер двапати ќе се радуваат во Цирих.
Автор: Волфганг Ван Кан/ Симе Недевски
Редактор Борис Георгиевски