Фридрих: Италија да преземе одговорност за бегалците од Тунис
11 април 2011Германскиот министер за внатрешни работи, Ханс-Петер Фридрих, денеска во Луксембург на средбата на европските министри за внатрешни работи, ја критикуваше Италија поради издавањето на времени визи за бегалците од Северна Африка. „Не може да дозволиме, преку Италија во Европа да дојдат голем број економски бегалци“, подвлече Фридрих.
Германската влада очекува официјален Рим да ги почитува важечките прописи. Во случај во Германија да дојдат повеќе бегалци, како последица на издавањето на италијанските визи, ќе бидат зајакнати контролите на германските граници, мерка која Франција веќе почна да ја применува. Германскиот министер уште пред да замине за Луксембург, преку првата програма на германската телевизија, побара поголема одговорност од Италија. „Се разбира, бегалските бранови се секогаш европски проблем. Меѓутоа, во рамките на европската солидарност неопходно е секоја земја да преземе одговорност, а тоа подразбира особено Италијанците да преговараат со нивните партнери во Тунис, со тамошната влада. Ние, како Европска унија, ќе сториме се’ за да го намалиме притисокот на бегалците во Северна Африка“, изјави Фридрих.
Освен Германија и Франција, и Австрија ги отфрла барањата на официјален Рим за поголема помош и е против издавањето визи за бегалците во Тунис. „Ќе разгледаме, дали ќе ги признаеме визите, кои сега ги издава Италија“, изјави австриската министерка за внатрешни работи Мариа Фектер, додека нејзиниот шпански колега Алфредо Перес Рубалкаба се заложи Тунежаните да се вратат во нивната татковина и тамошната влада да ги прифати.
Италијанскиот министер за внатрешни работи Роберто Марони денеска повторно ги повика останатите земји на ЕУ да ја поддржат неговата земја по прашањето со бегалците. „Денеска ќе видиме дали посотои обединета и солидарна Европа или едноставно се работи за географски простор“, рече Марони.
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, утре ќе отпатува на разговори во Тунис.
Автор: АТ/ ЕМФ/ афп/ ард
Редактор: Трајче Тосев