1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фридрих заминува по педофилскиот скандал

Б. Георгиевски/АТ/ртр14 февруари 2014

Германскиот министер за земјоделство Ханс-Петер Фридрих попладнево поднесе оставка на функцијата поради скандалот со политичарот од СПД, Себастијан Едати, кој беше осомничен за педофилија.

https://p.dw.com/p/1B90Y
Фотографија: Reuters

Министерот за земјоделство Ханс-Петер Фридрих (на фотографијата горе) ја напушта функцијата поради обвинувањата дека ја злоупотребил својата позиција во периодот додека раководеше со министерството за внатрешни работи во владата на канцеларката Ангела Меркел. Тој е втората „жртва“ во скандалот во кој всушност главна мета беше експратеникот на социјалдемократите во Бундестагот, Себастијан Едати. 44-годишниот Едати поднесе оставка на пратеничката функција минатата недела, откако беше откриено дека бил осомничен за педофилија.

Улогата на Фридрих во скандалот, и причината за оставката, е во тоа што тој од позиција на министер за внатрешни работи во октомви 2013 година дознал дека името на тогашниот пратеник на СПД Едати се појавило во рамките на меѓународна истрага. Оваа информација тој ја споделил со лидерот на СПД, Зигмар Габриел.

Откако овие информации се појавија во јавноста, малата, домашна афера во која беше вмешан само Едати прерасна во сериозен политички скандал со широки последици. Опозицијата веќе побара оставка од Фридрих, инаку политичар на Христијанско-социјалната унија, кој е критикуван поради споделување вакви доверливи информации на партиско ниво. Фридрих во меѓувреме се правдаше дека не мисли оти сторил нешто лошо и дека информациите ги споделил во рамките на „градењето доверба“ меѓу потенцијалните коалициски партнери, во периодот кога се ковал договорот за широката коалиција, која е сега на власт во Германија.

Фридрих најави дека ќе поднесе оставка на функцијата доколку обвинителството одлучи да отвори истрага за неговите постапки. Според агенциските информации, Јавното обвинителство во Берлин сериозно размислува да отвори истрага против Фридрих и веројатно токму тоа е причината за најавата дека попладнево тој ќе замине од функцијата.

Истрагата против Едати

Во случајот со политичарот од СПД Себастијан Едати државното обвинителство во Хановер за првпат потврди дека води истрага против поранешниот претеник на Бундестагот Едати поради сомневање за поседување на детска порнографија. Раководителот на обвинителството Јерг Фрелих во Хановер рече дека Едати, според сознанијата на неговата институција меѓу октомври 2005 година и јуни 2010 гонина девет пати во онлјан-шоп на едно канадско претпријатие нарачал вкупно 31 филмови и фотосетови од необлечени момчиња меѓу девет и 14 години. Притоа станувало збор за материјал на граница на казниво дело.

Sebastian Edathy Porträt
Себастијан ЕдатиФотографија: picture-alliance/dpa

Првите седум нарачки на Едати му биле испратени по пошта, а последните две за даунлодирање поминале преку сервер на Бундестагот. Фрелих наведе дека исплатата можела да се поврзе со сметки на Едати.

Обвинителството во Хановер донело одлука да отвори истрага, бидејќи како и голем број други германски државни обвинителства поаѓа од гледиштето дека оној кој нарачува порнографски материјал, кој е на границата на детска порнографија, постапува конспиративно и тоа го прави кај фирма во странство, па би можел да поседува и материјал кој во Германија подлежи на казна.

Надлежните се сомневаат дека Едати дознал предвреме за сомнежот за детска порнографија. Исто така не можела да се исклучи можноста дека бил уништен доказен материјал или биле отстранети компјутери. Фрелих изрази шокираност, од тоа дека од неговата институција или од полицијата протекле информации за истрагата. При претресот биле конфискувани два компјутери, на кои најверојтно не бил пронајден забранет материјал. Анализата меѓутоа сѐ уште трае, изјави Фрелих.