Фридрих бара остри мерки против салафистите
30 мај 2012„Мора да се стави јасно до знаење - нема да дозволиме напади врз демократијата, врз слободата“, изјави денеска (30.05) за утринската програма на телевизијата ЗДФ сојузниот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих, зборувајќи за салафистите и нивното дејствување во земјата. Според Фидрих, против салафистите подготвени на насилство мора да се „постапи со сета цврстина и со црпење на сите можности што се на располагање, како правото на собирање, правото на здружување, законите за странци“.
Безбедносните власти во Германија се алармирани откако исламист пред неколку дена преку видео-порака повика на убиство на членови на десно екстремната партија Про НРВ. Про НРВ врз себе го навлече гневот на исламистите поради тоа што активисти на партијата пред покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија на свои собири провокативно покажуваа карикатури со критичка содржина кон исламот.
Баварскиот министер за внатрешни работи Јоахим Херман во салафизмот гледа „најопасно и најнетолерантно групирање во исламскиот свет“. „Салафистите се обидуваат да ги пренесат своите судири во нашата земја и со големи кампања се обидуваат да привлечат повеќе приврзаници“, рече Херман за агенцијата ДПА, додавајќи: „Веќе има низа конвертити и не може да се превиди дека салафизмот е во фаза на експанзија.“
Министрите за внатрешни работи на сојузот и покраините денеска ја почнаа тридневната средба во Герен-лебин, на која покрај салафизмот, тема е и насилството на фудбалските стадиони.