1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француско-либански врски

Тони Гламчевски23 август 2006

Париз со негодување ги прифати критиките за неиспраќањето поголем контигент војници во мировната мисија во Либан. Франција и натаму останува во првите дипломатски линии за прекин на војната во Либан, земја со која има стари врски.

https://p.dw.com/p/Ady8
Француски војници доаѓаат во Либан
Француски војници доаѓаат во ЛибанФотографија: AP

Француско-либанските врски се вековни. Историјата на Либан е интимно поврзана со историјата на Франција.

“Франција отсекогаш се интересираше многу за Либан, можеби поради религиозните прашања, ако се знае дека Маронитете, кои се мнозинството од населението, се христијани“, објаснува Дениз Амун, авторка на книгата „Современата Историја на Либан“.

Првите официјални врски се воспоставени во 1250 година, кога Сан-Луј го склучи првиот француско-либански сојуз во Сан-Жан-Д'Акр. Во 1535 година Франсоа I, склучува договор со Големата порта, со што Франција станува официјална заштитиничка на христијаните од Истокот.

“Од времето на Луј XIV има едно писмо во кое еден либански принц го потсетува францускиот крал дека Франција е отсекогаш присутна на страната на либанските христијани, иако либанските христијани имаа различни заштитиници“, нагласува Дениз Амун.

Иако Либан е под отоманската власт, Наполеон III испраќа француски трупи за да ги заштити Маронитите кои се во судар со Друзите од 1858 до 1860 година. Во 1861 година Франција изнудува автономија за областа Монт-Либан. Од тоа време се зајакнуваат и културните врски.

“Од 19 век во Либан беа отворени религиозни училишта во кои наставата беше на француски, потоа беше отворен универзитетот Сан Жозеф, еден од најголемите француски универзитет на Блискиот Исток“.

По крајот на Првата светска војна, Друштвото на народите го става Либан под француска администрација, се до прогласувањето на независноста во 1943 година, силно поддржана од генералот Шарл де Гол.

“Од срцето на Либанците никогаш не се искорени фактот дека францускиот мандат врз Либан беше доста мек“, вели Дениз Амун.

Францускиот јазик и култура во Либан не се доживуваат како колонијални. И ако од 1926 година, францускиот јазик не е официјален јазик во Либан, студентите можат да студираат на француски или арапски. Денес над 53 % од населението зборува француски, додека 20% совршено се користи со двата јазици. Во Либан 70% од учениците учат француски, а само 30% англиски, тенденција присутна од неодамна и кај муслиманското население.

На економски план Франција е втор економски партнер на Либан, веднаш зад Италија и таа е прв странски инвеститор.

Претседателот Жак Ширак, близок до семејството Харири, е еден од најжестоките бранители на либанската сувереност. Франција од почетокот на кризата се најде во првите дипломатски линии со предлог резолуции и иницијативи. Затоа, како што истакна портпаролот на министерството за надворешни работи на Франција, Денис Симоно: „Франција нема зошто да црвенее“, по критиките за нејзината воздржаност за испраќање на поголем број војници во составот на сините шлемови.