1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француските зелени бунтовници

Маик Мојзер/Б. Георгиевски10 август 2013

Малото гратче Мондидие на северот на Франција е уникатно во светски рамки. Тоа е едно од ретките, а единствено во Франција, кое своите потреби за електрична енергија ги обезбедува од „зелени“ извори.

https://p.dw.com/p/19E1D
Фотографија: DW/I. Quaile

Тука живеат тие: енергетските бунтовници на Франција: селото Мондидие, на еден час возење северно од Париз. 6.500 жители. И таа е нивниот лидер, градоначалничката Кињон Ле Тиран. Таа беше избрана во 2001 година, во економски тешка ситуација. Со цел да се заштедат средства во иднина, таа успеа да ги убеди локалните компании да инвестираат милиони во првиот јавен ветерен парк во Франција.

„Сакавме да тргнеме по патот на иновациите и станавме на некој начин експериментални глувци. Сакавме да пробаме различни нешта“, вели Кињон Ле Тиран.

За две години тука треба да биде поставен најголемиот парк на ветерници во Франција. Ќе бидат високи по 70 метри и со тоа Мондидие ќе биде целосно автономен во користењето на струјата.

„Во моментов, благодарение на ветерниците и нашиот фотоволтаичен систем да си обезбедиме 53 проценти од нашите потреби на струја“, вели Ле Тиран.

И сонцето се искористува во Мондидие. Во најголем дел преку соларниот парк во сопственост на градот, но и преку инсталации во други јавни згради како оваа во фабриката за дрво на општината- обете вистинска реткост во Франција. Со топлината која се произведува тука се загреваат две училишта и една болница. Само болницата на тој начин годишно заштедува околу 80 илјади евра.

Независност од францускиот енергетски гигант ЕДФ- гордоста може да се почувствува и меѓу вработените во градската служба.

„Ова мало броило овде е ЕДФ во Мондидие. Останатото го обезбедуваат нашите ветерници и соларни модули“, вели Бенџамин Совал, од градската служба на Мондидие.

Windrad von enercoop
Фотографија: Enercoop

Од зелениот дух на Мондидие профитираат и граѓаните на различни начини. Пензионерката Катја Дуландел добива 400 евра поддршка за тоа што користи велосипед со електромотор: „Нештата се движат кога ќе сторите нешто локално. Да се чека нешто од владата нема корист, мораме самите да се снаоѓаме“, вели таа.

Претстои уште многу работа, смета градоначалничката. Но граѓаните ќе увидат дека инвестициите се исплаќаат и дека ветерниците воопшто не и штетат на животната околина како што се стравуваше. Многу општини во меѓувреме се огледуваат на Мондидие. Овој модел може да биде зачеток на нешто ново во Франција.