Франција ја засилува антитерористичката операција
13 декември 2018Францускиот премиер Едуар Филип изјави дека претседателот Емануел Макрон одлучил да ја „зголеми воената мобилизација“ во рамките на операцијата „Стражар“, еден ден по смртоносниот напад на божиќниот панаѓур во Стразбур.
„Стражар“ е антитерористичка операција покрената по нападите во Париз во 2015 година, во чии рамки 10 илјади војници и 4.700 полицајци и жандарми ги обезбедуваат чувствителните локации од терористички напади.
Повеќе:
-Највисок степен на тревога во Стразбур
-Фотографија на денот: Потресениот Стразбур под опсада
„Станува збор за 500 војници, кои денеска беа вклучени во операцијата Стражар и 1.300 кои во наредните денови ќе им се приклучат на оние веќе ангажирани во обезбедувањето и гарантирањето на сигурноста на Французите“, истакна Филип.
Тој истакна дека целта е да се обезбедат местата на јавно собирање, во прв ред божиќните панаѓури ширум земјата. 29-годишен напаѓач во неделата навечер уби три лица, а рани 13 на панаѓурот во Стразбур, притоа извикувајќи „Алаху акбар“. Потрагата по него и натаму трае. Филип изрази уверување дека „владата е целосно решена“ да го изведе напаѓачот пред лицето на правдата. Инаку, во земјата од вчера во сила е тревога од највисок степен.