1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франк Рибери - најдобар фудбалер во Европа во 2013 година

Бен Кнајт / Александар Методијев30 август 2013

Крилото на Бајерн Минхен Франк Рибери вчера ја освои наградата Европски играч на сезоната 2012/2013. Тој го победи играчот на Барселона - Лионел Меси и на Реал Мадрид - Кристијано Роналдо.

https://p.dw.com/p/19Ys2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како признание за неговиот неверојатен придонес во историскиот успех на Бајерн во сезоната 2012/2013, Франк Рибери ја освои наградата на УЕФА „Најдобар играч во Европа“. Триесетгодишниот Рибери освои 36 гласа во гласањето на новинарите од цела Европа и ја доби наградата на церемонија во Монако, која се случи по извлекувањето на жребката за Лигата на шампионите. Тој освои 23 гласа повеќе отколку четирипати прогласениот светски играч на годината, Лионел Меси.

Другиот играч кој беше во трка за наградата, Кристијано Роналдо од Реал Мадрид, освои три гласа и ја пропушти церемонијата, поради учество во хуманитарен меч.

Рибери беше суштински дел на историскиот успех на Бајерн во минатата сезона, кога ја освои круната во Лигата на шампионите, првото место во Бундеслигата и во Германскиот куп. Неговите брзи претрчувања на теренот обезбедија постојана закана од нападот на Бајерн, иако тој успеа да постигне само 11 голови во целата сезона – малку споредено со 60-те на Меси и Роналдо.

„Ова е многу посебен момент, да се стои овде оваа вечер“, рече Рибери по примањето на наградата.

Французинот е првиот играч од Бундеслигата кој ја добива оваа европска награда по онаа што ја доби во 1996. година играчот на Борусија Дортмунд - Матијас Замер. Последен пат, пак, играч на Бајерн Минхен кој ја добил оваа награда беше уште поодамна – Карл-Хајнц Румениге, сегашниот шеф на клубот, ја освои оваа награда во 1980. и 1981. година.

„Тој (Рибери, н.з.) одигра фантастична сезона и го заслужи тоа“, рече Румениге во изјава за телевизијата Скај.

Franck Ribery am 24. August 2013
Рибери беше суштински дел на историскиот успех на Бајерн МиненФотографија: picture-alliance/dpa

Прва голема награда

Првата меѓународна награда за Рибери се чини дека е огромна пресвртница во кариерата на овој играч, која никогаш не била лесна. Покрај катастрофалниот настап на Светскиот куп во 2010, тој беше вклучен и во афера со малолетна проститутка.

„Секогаш е убаво да се освои овој трофеј и тоа е посебен момент за мене, што сум овде“, рече Рибери. Трофејот му беше предаден од неговиот сонародник Мишел Платини. Претседателот на УЕФА ја освои истата награда дури три години по ред – од 1983. до 1985.

„Со ова пред се’ се подвлекува неверојатниот талент кој му овозможува да биде сврстен меѓу најдобрите играчи на светот. Секој во францускиот фубал е многу горд и се приклучува со мене кон честитките до него“, изјави претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел Ле Гре.

Листата од тројца фудбалери беше направена на состанок на 53 новинари избрани од секоја од земјите-членки на УЕФА. Истите новинари потоа гласаа за победникот.