1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Фотографија на денот: Автобуска несреќа на Мадеира

ЕМФ /агенции
18 април 2019

Автобус излета од патот и падна врз куќа на португалскиот туристички остров Мадеира. Притоа загинаа најмалку 29 туристи, од кои најголемиот дел Германци.

https://p.dw.com/p/3H0F6
Portugal Busunglück auf Madeira
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Silva

Несреќата, во која има и 27 повредени, се случила откако возачот на една кривина загубил контрола врз возилото, а автобусот потоа, најверојатно превртувајќи се еднаш, паднало во населба под патот.

Според медиумски извештаи, можно е причина за несреќата да е механички проблем, односно проблем со кочниците или заглавен педал за гас. Туристите во автобусот биле на возраст помеѓу 40 и 50 години и биле на пат од нивниот хотел кон ресторан во градот Фуншал.

Португалскиот претседател Марсело Ребело де Соуза денеска треба да разговара со германскиот колега Франк-Валтер Штајнмајер. Тој од името на сите Португалци изрази длабоко сочувство, а истото во разговор со германската канцеларка Ангела Меркел го стори и португалскиот премиер Антонио Коста.

Регионалната влада прогласи тридневна жалост на Мадеира. Германското Министерство за надворешни работи формираше кризен штаб. Германската амбасада е во контакт со португалските власти на Мадеира со цел да се помогне во идентификацијата на жртвите и на повредените, напиша на Твитер Центарот за реакција во случај на кризи.

Обвинителството поведе истрага. Сопственикот на автобусот вети целосна соработка со иследниците. „Наша волја и намера е да бидат истражени сите факти, причини и одговорност“, цитира агенцијата Луса соопштение на сообраќајното претпријатие САМ.