1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фондацијата "Германска помош за спортот" - најголем приватен подржувач на спортот во земјава

11 јуни 2007

Фондацијата деновиве ја одбележа 40-годишнината од формирањето. Со нејзина подршка - 188 златни медали на германските спортисти од олимпијади, светски и европски првенства

https://p.dw.com/p/AqT0
Кајакарката Биргит Фишер - осум златни медали со подршка од ФондацијатаФотографија: AP

Во основањето на Германската помош за спортот во 1967-ма година, веројатно најважна улога играа спортско-политичките аргументи. Минхен ја доби организацијата на олимпијадата во 1972-ра. На Западот во тогаш поделената Германија се страхуваше дека овдешните спортисти ќе немаат никаква шанса во натпреварот против претставниците на Источна Германија. Спортистите од земјите на социјалистичкиот блок со силната материјална подршка од државата практично беа целосни професионалци. Значи, фондацијата за помош на спортот во почетокот беше еден вид оружје во борбата на системите.

Рамковните услови во почетното време не беа најповолни за неа, оти во 1967-ма година, на почетокот на студентските немири, не беше особено популарно да се размислува за врвни постигнувања, се сеќава сегашниот шеф на Фондацијата и некогашен репрезентативец во пинг-понг Ханс Вилхелм Геб: “Со години се сметаше дека поттикнување на елитата политички не е многу коректно”.

Но, со текот на времето се промени ориентацијата, насекаде стана актуелно токму да се подржи елитата – во училиштата, на универзитетите, во стопанството. Германската помош за спортот денес е пошироко насочена, нагласува претседателот на Советот на Фондацијата Јирген Хуберт: “Кој не подржува нас, придонесува за подршка на широк спортски круг, а не само на медиумски влијателниот врв”.

Притоа Хуберт не мисли на широка спортска база или масовен спорт, туку дека подршката од Фондацијата ја уживаат и врвни спортисти од дисциплини кои не се во преден план во оваа ера на комерцијализиран телевизиски спорт. “Каде ќе бевме во билансот на медали, ако во кану-спортот немавме извонредно раководство и подршка од Германската помош за спортот? Како благодарност за тоа од еден ваков вид спорт добиваме медали во изобилство” – на конкретен пример дообјаснува Хуберт.

Најголемиот дел од средствата за помош на такви успешни, но маргинализирани спортови Фондацијата добива од приходи на игри на среќа и спортски поштенски марки. Околу 90 проценти од сите освојувачи на медали на олимписки игри, светски и европски првенства се корисници на помош од Фондацијата, зад 188 златни медали на германските спортисти стои подршката од Фондацијата.

За да се исклучи подршка да добиваат и допинг-грешници, секој од сегашните 3800 стипендирани спортисти мора да положи заклетва. Помош од фондацијата добиваат и спортисти што доживеале тешки повреди.

Марсел Фирстенау