1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска врви по сопствениот пат во еврозоната

Александар Рајтингер/Б. Георгиевски30 септември 2012

Финска е единствената земја од еврозоната која добива посебни гаранции за кредитите кои им ги дава на задолжените земји. Тоа им овозможува на Финците највисок рејтинг кај агенциите.

https://p.dw.com/p/165xZ
Фотографија: nyiragongo/Fotolia

Фирмата Норпе од Финска произведува разладни витрини за супермаркети. Речиси целото производство е рачна изработка, секое парче уникат. Вработените во фирмата се подобро платени во однос на другите во Европа. Еден час работа се плаќа по 15 до 16 евра бруто, минимум. Но дали тие и во иднина ќе ја добиваат платата во евра? Мислењата на работниците се различни.

„Кризата во јужните земји-членки на еврото го урива расположението. Според некои мислења, треба да го напуштиме еврото. Но, сметам дека мнозинството се сепак за тоа да остане еврото“, вели Карл Густафсон, мајстор во фирмата Норпе.

Околу два часа патување со траект се оддалечени меѓусебно двата главни града на северните членки на ЕУ, Финска и Естонија. Заеднички градат силна економска поврзаност со здрава државна буџетска политика. Хелсинки бара од јужноевропските задолжени држави посебни гаранции. Па така, шпанската влада мораше да депонира 800 милиони евра на финските сметки, пред да добие помош во висина од 2,2 милијарди евра. Ваквиот начин на осигурување, според министерот за европски прашања, е потребен за да се смири евро-критичното јавно мислење меѓу граѓаните.

„Како второ, тоа е исто така една порака: дека сите европски земји мора да внимаат на сопствениот буџет. Финска го прави истото што и Германија, на пример“, објаснува министерот за европски прашања Александер Стуб.

Neuer finnischer Außenminister Alexander Stubb
Александер СтубФотографија: AP

Германскиот пазар- најпосакуван

Во фирмата Норпе се подготвуваат витрини за извоз во Германија. Голем број германски супермаркети се подготвуваат за реновирање. Оттука, за финската компанија се отвора еден голем пазар. Поради отворените граници и заедничката валута, во финската фирма на Германија гледаат како на домашен пазар.

„Германија во моментов е нашиот најголем пазар и заедничката валута ни помага на многу начини. На пример, за пресметка на цените, на трошоците и секако при пресметката на добивките и загубите. Така погледнато, тоа е од голема вредност и ние сме среќни што имаме заедничка валута со Германија“, смета претседателот на УО на Норпе, Мати Виртанен.

Поради посебните мерки за осигурување во однос на задолжените јужни држави, Финска стана и омилена држава на американските рејтинг агенции. Земјата успеа да го задржи највисокиот можен рејтинг кај агенцијата Мудис: „тројно А“.