1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финале од соништата во Берлин

Кале Копс/Б. Георгиевски11 мај 2012

Во финалето на германскиот куп се среќаваат двата најдобри германски тима. За Борусија, тоа ќе биде шанса да ја круниса сезоната со двоен триумф, за Бајерн можност да се одмазди за поразот во првенството

https://p.dw.com/p/14thQ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Се‘ е подготвено за финалето од соништата во Берлин. Борусија Дортмунд и Бајерн Минхен, двете најдобри германски екипи во моментов, ќе се состанат само еден месец откако го одиграа решавачкиот дуел за титулата во Бундеслигата. За првпат по 2005. година во финалето на Купот ќе се сретнат најдобрите тимови од изминатата сезона.

„Ова беше најдобрата можна констелација“, смета и тренерот на Дортмунд, Јирген Клоп. Тој се надева на успешно финале на одличната сезона за неговата екипа.

„По освојувањето на првенството, сега имаме шанса уште повеќе да им се приближиме на ѕвездите и да освоиме двојна круна“, вели Клоп.

Ништо помала не е мотивацијата ниту кај рекордерот по бројот на освоени куп титули. По четирите порази во серија од Борусија, фудбалерите на Бајерн се подготвени за одмазда.

„Не е лесно да се игра против нас и затоа верувам дека овојпат ќе славиме“, вели голгетерот на Бајерн, Марио Гомез.

За фудбалерите од Минхен, овој меч е многу важен и како вовед во уште едно големо финале закажано за 19 мај, мечот од Лигата на шампионите против англискиот Челзи.

„Мечот во Берлин е исто толку значаен како и финалето на Лигата на шампионите“, уверува претседателот на Бајерн, Ули Хенес.

Fußball Bundesliga Borussia Dortmund Fans Meisterschale
Навивачите на Борусија сонуваат за двојна крунаФотографија: picture alliance/augenklick

Магијата на статистиката

Погледот во историјата покажува дека Бајерн досега осумпати успевал да ја освои двојната круна во домашното првенство. На Борусија, во 103-годишната историја, тоа досега не и‘ пошло од рака. Со евентуална победа, Борусија ќе се приклучи на избраниот клуб на освојувачи на обете титули во една сезона во кој освен Бајерн се уште и Шалке, Келн и Вердер.

Љубителите на фудбалот очекуваат уште еден интересен меч, како и оној во Дортмунд пред еден месец. Тогаш Борусија славеше со 1:0, но Арјен Робен промаши пенал за Бајерн во финишот на дуелот.

„Ова е дуел на двата најдобри германски тима. Ќе одлучуваат ситници“, вели капитенот на Бајерн и на националната репрезентација Филип Лам.