1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нови случаи на Делта сој во С. Македонија

ДТЗ
6 јули 2021

Ниту еден од заболените не бил вакциниран, информираше министерот за здравство Венко Филипче.

https://p.dw.com/p/3w5xh
EINSCHRÄNKUNG | Thumbnail DW-Beitrag
Фотографија: DW

Три нови случаи на Делта сојот се детектирани во С.Македонија, со што во земјата  досега се регистрирани шест случаи на индиската мутација на коронавирусот. Еден случај на индискиот сој на коронавирус е детектиран кај 43-годишен пациент од Велес, кој  пред две недлеи се вратил од Англија.Нови два случаи на Делта сојот се потврдени и во приватната лабораторија при Клиниката „Жан Митрев“, Во тек се испитувања и се очекуваат резултатите за уште четири сомнителни случаи, информираше министерот за здравство Венко Филипче. Ниту еден од заболените не бил вакциниран.

Тие се лекуваат во Скопје и само еден од нив е со потешка форма и е на респираторна машина. Другите заразени се со стабилна клиничка слика. „Скринингот што се прави на тестовите на Институтот за јавно здравје и во МАНУ ја исклучува британската варијанта. Што значи дека секаде каде што скринингот ќе покаже дека не е британската варијанта, се прави испитување дали е индискиот сој“, вели Филипче.

-повеќе на темата: Филипче: Нема потреба од рестриктивни мерки, ја следиме ситуацијата со Делта-сојот

Министерот за здравство вели дека вакцините дефинитивно штитат од потешката форма на болеста и од смрт, но во делот на клиничката слика сè уште нема точни податоци дали има потешка клиничка слика како што имаше британскиот сој кога се појави. „Има некои публикации коишто укажуваат дека нема. Сè уште е рано тоа да го потврдиме“, вели Филипче.

Првиот случај пред еден месец

Првиот случај на индиски сој на вирусот СарсКов2 во Северна Македонија беше регистриран на почетокот на јуни годинава, кај патник од Ирак, кој десетина дена бил хоспитализиран во болница.

-повеќе на темата: Индискиот сој ги врати стравувањата од нов есенски бран на Ковид-19

Епидемиолозите предупредуваат дека за да се намали ризикот за брз продор преку границата е добро да има бариера, а една од нив е ПЦР-тестови на сите што влегуваат, особено на крај на летото. Комисијата за заразни болести, која вчера имаше состанок на кој се разгледуваше епидемиолошката состојба со коронавирусот во С. Македонија и опасноста од новиот Делта-сој, не препорача нови рестриктивни мерки. Оценката на надлежните е дека во моментов ситуацијата е под контрола, но будно ќе се следи и ќе се реагира доколку има потреба.

И министерот за здравство, Венко Филипче вчера изјави дека засега нема потреба за рестрикции на граничните премини и за ограничување на прославите. „Тука зборувам и за влез-излез на границите и во рамките на тоа што е препорачано во делот на организација на настани, собири и.т.н. Будно ја следиме ситуацијата, бидејќи има земји каде што индискиот сој, како поагресивен во однос на претходните, побрзо се шири и, еве, тие земји воведоа некоја рестрикција. Ако треба ќе интервенираме“, вели Филипче.