1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филе и Вигенин побарале ЕУ да не ја заборави Македонија

СН/ЖА/миа25 јуни 2013

На средбата на Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), во Луксембург еврокомесарот Филе и шефот на бугарската дипломатија Вигенин порачале дека во иднина не треба да се заборави на Македонија.

https://p.dw.com/p/18vZi
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе побарал од министрите за надворешни работи на земјите членки да не заборават на Македонија, и покрај тоа што денеска не е тема на разговор на состанокот на Советот за општи работи (ГАК) и за неа нема да има ниту заклучок, ниту датум на претстојниот Самит на Европскиот совет.

Како што јавува дописникот на македонската новинска агенција МИА од Луксембург, Филе во своето образложение на тркалезната маса пред шефовите на дипломатиите за процесот на проширување дал до знаење дека и покрај тоа што е тема доделувањето на датум за преговори на Србија, во иднина не треба да се заборави и на Македонија.

Според информациите од првичната дискусија за прашањето за проширување на ЕУ, единствена точка е Србија, но освен Филе, на првата рунда разговори, Македонија, и тоа во позитивен контекст ја споменал и новиот министер за надворешни работи на Бугарија, Кристијан Вигенин. „Неодамна станав министер и морам да кажам дека мојата прва посета беше на Македонија. Таму затекнав позитивна атмосфера во однос на добрососедските односи и во исполнувањето на реформите за членство во ЕУ. Мислам дека се затоплуваат односите меѓу Бугарија и Македонија и тоа очекувам да донесе позитивни работи во иднина, па не треба да ја заборавиме оваа земја во иднина“, порачал бугарскиот министер Вигенин.

Bulgarien EU Europaparlament Kristian Vigenin
Министерот за надворешни работи на Бугарија, Кристијан ВигенинФотографија: vigenin.eu

Филе и Вигенин единствени ја споменале Македонија, додека сите останати учесници на средбата говореле за Србија и можноста да се додели датум за преговори. Во овој момент, веќе се знае дека Европската комисија и комесарот Филе би требало веднаш да подготват преговарачка рамка за Србија и да започнат со скрининг-процесот, а се очекува во заклучоците до крајот на денот да влезе и декември месец оваа година како последен момент кога би започнале официјалните преговори што би го одобрил Советот на министри или Европскиот совет (што е барање на Германија, што би било исклучок од досегашните правила и постапки на Унијата).