1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фиат го презема Крајслер комплетно

ЕМФ/ртр/дв2 јануари 2014

Италијанскиот автопроизводител Фиат го презема Крајслер комплетно. Со тоа концернот од Торино сака да стане седми по големина автопроизводител во светот.

https://p.dw.com/p/1AkGX
Фотографија: Getty Images

Фиат досега имаше 58,5 проценти од Крајслер. Сега Фиат за останатите 41,5% кои му припаѓаа на пензискиот фонд Веба до 20 јануари треба да исплати 3,65 милијарди долари во кеш, со што американскиот концерн преминува во рацете на Италијанците. По преземањето, Фиат е обврзан да исплати уште 700 милиони долари во четири годишни транши.

Со договорот за преземање Фиат и Веба ставија крај на долг спор околу вредноста на уделот што фондот го има во Крајслер. Веба за својот удел бараше пет милијарди долари.

Крајслер во последно време бележи подем. Во третиот квартал од 2013. година добивката на концернот изнесуваше 22 проценти, односно 464 милионии долари. Вкупниот обрт на автопроизводителот пак се зголеми за 14% и изнесува 17,6 милијарди долари.

Фиат „влезе“ во Крајслер во 2009. година. Италијанскиот концерн понуди ноу-хау, а за возврат добиваше се‘ поголем удел во американскиот концерн.