1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фестивалот што ја однесе реата од војната

14 август 2009

Фестивалот „Вудсток“ е една од легендите на модерното време. Четириесет години поминаа од тој незаборавен настан. На фестивалот дојдоа луѓе од цел свет, меѓу нив и тогаш 24-годишниот Дитер Фровајн - Лиасо од Келн.

https://p.dw.com/p/JBHK
Фотографија: AP

Во јуни 1969 година, Дитер бил при крај со служењето на воениот рок во германската армија. Од американски војници, стационирани на исто место, дознал за претстојниот фестивал во Вудсток, крај Њујорк, и решил да отпатува.

„Си помислив: мора да се ослободиш од оваа реа на униформи, од командна структура, наредби и послушност, а тоа можеш најдобро да го сториш, ако се измешаш со луѓе од еден сосем друг свет“, вели Дитер.

Woodstock 1969
Фестивал преплавен со млади луѓеФотографија: AP

И, без многу размислување, Дитер, инаку голем музички фан, резервирал авионска карта за Њујорк. За планот не кажал никому, бидејќи по секоја цена сакал да патува сам. Во Њујорк се сместил во некој феријален дом. Таму запознал млади луѓе од американскиот среден запад, кои исто така сакале да одат на фестивалот: „Ме прифатија, оти за нив беше егзотично дека доаѓам од Германија.“

Фестивалот Вудсток не се одржал во Вудсток?!

Во Вудсток ги очекувало изненадување: „Вудсток? Не таму. Се’ се случуваше во наредното место Бетел, околу три километри оддалечено. Вудсток е лага - неговите жителите одбија да дадат терен на располагање“, раскажува Дитер.

Тој не зборувал многу англиски, а и неговата облека се разликувала од стилот на хипиците, кои го преплавиле местото. Тој бил облечен „сосема нормално“, но добро се чувствувал во тоа „шарено племе“. „Немав никакви задршки и навистина уживав. Шетав наоколу и ги гледав луѓето. Се поздравуваа со „хелоу“ или „хај“. Само гледав и се‘ впивав во себе, целата прекрасна атмосфера.“

„Не ми пречеше чадот од марихуана“

За време на фестивалот малку јадел и пиел, проблем му правел и дожот што не престанувал, оти Дитер од опрема за кампување имал само капа за дожд. Не го тангирале многу ексцесите со дрога и идејата за слободна љубов:

„Секако, неколкумина трчаа наоколу голи, но тоа не ме интересираше многу. Сакав само да слушам музика, да се измешам меѓу тие луѓе, за да видам како живеат, што е тоа, што се случува тука? Чад од марихуана и слични работи беа латентно присутни, но тоа не ми пречеше.“

Woodstock Festival 1969 Flash-Galerie
Фестивалот „Вудсток" во 2004 г. во Кострзин, ПолскаФотографија: AP

Многу значајно му било на Дитер што можел да ги доживее неговите омилени големи ѕвезди: „Кога кратко по фестивалот од предозираност со дрога почина Џенис Џоплин, можев да кажам: барем уште еднаш ја доживеав“. По три дена, тргнал да си оди - до Њујорк со авто-стоп, потоа со авион до Германија. Во татковината видел дека „Вудсток“ станал голем медиумски настан, музиката од таму била емитувана во сите кафулиња и барови.

Трите луди дена цврсто врежани во сеќавањата

Dieter Frowein-Lyasso
Вудсток засекогаш во сеќавањата на ДитерФотографија: Matthias Mayr

Дитер, кој сега води продавница за уметнички потрепштини во Келн, досега ретко раскажувал дека бил во Вудсток; вели, малку кој би му верувал. Во 1996 уште еднаш бил на големата фестивалска ливада во Бетел. Во главата и по 40 години му се цврсто врежани сеќавањата на трите луди денови, полни со музика и шарената човечка толпа. „Во секој случај, целата, како да кажам, целата реа на Бундесверот беше како од ветер однесена“, заклучува Дитер.

Автор: Матијас Мајр / Ана Алибегова

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска