1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште 3 кола до крајот на Бундеслигата – расплетот допрва претстои

4 мај 2004

31-то коло на фудбалската Бундеслига одговори на само едно од отворените прашања: Келн веќе и дефинитивно е второлигаш. Клучна во борбата за првото место веројатно ќе биде средбата во наредното коло кога Вердер му гостува на Баерн во Минхен.

https://p.dw.com/p/Aeng
Бразилецот Аилтон со своите голови го води Вердер кон титулата
Бразилецот Аилтон со своите голови го води Вердер кон титулатаФотографија: AP

Баерн во Келн и теориски му ја запечати судбината на домаќинот, кој практично од поодамна е отпишан. Така Келн, првиот шампион по востановувањето на Бундеслигата, по трет пат во последните шест првенства се сели во понизок ранг. Градот се подготвува да создаде што подобри услови за дел од учесниците на светското првенство во 2006-та година, привршува градењето на новиот стадион, на чии трибини гостувањето на Баерн привлече преку 50 илјади гледачи, но клубот никако да се стабилизира и да се надоврзе на некогашните успеси. За Баерн, пак, победата од 2 спрема 1 значи само одржување чекор со водечкиот Вардер спроти веројатно пресудниот меѓусебен дуел во Минхен во наредното коло. Минаџерот на Баварците Ули Хенес искажа јавно незадоволство од односот на Хамбургер кој во соседското дерби во Бремен си дозволи катастрофален пораз од 6 спрема нула, со што на лидерот на табелата сега на гостувањето во Минхен и нерешен резултат му е доволен за освојување на титулата, со оглед на гол-разликата. Всушност, и независно од тоа Вердер е на прагот на освојувањето на четвртата шампионска титула во својата клупска историја, по 1965-та, 88-ма и 93-та, зашто би требало да ги загуби сите три преостанати средби, а Баерн да забележи две победи и едно реми за да дојде до промена на врвот. За утеха, Баерн барем може да смета на директна квалификација за Лигата на шампионите по синоќешниот кикс на Штутгарт, кој дома одигра само 1 спрема 1 со Бохум, па сега заостанува 4 бода.

Поинтересна и понеизвесна е борбата за опстанок. Покрај Келн, на пат кон второлигашкото друштво е и Ајнтрахт Франкфурт по поразот на гостувањето кај Волфсбург со 1 спрема нула. Ајнтрахт е претпоследен со 29 бодови, два помалку од Минхен 1860, кој дома одигра само 1 спрема 1 со Баер Леверкузен. Тоа е неповолен резултат за обете екипи: домаќинот на двапати ќе гостува во последните три кола, во кои противници му се екипи од зоната на загрозените. Тимот од Леверкузен, пак, дефинитивно ја испушти можноста да се вмеша во борбата за третото место што води во квалификации за Лигата на шампионите. Но, Баер може да пресуди во расплетот на врвот, бидејќи до крајот ќе му гостува на Вердер во Бремен, а ќе го пречека и Штутгарт. Во борбата за опстанок Херта од Берлин, по поразот од Шалке со три спрема нула, има само бод повеќе од Минхен (32), и е на исто рамниште со Кајзерслаутерн, кој во директниот дуел со Борусија Менхенгладбах одигра нерешено 2 спрема 2. Борусија има 33 бодови, исто колку и Хановер кој беше поразен од Фрајбург со 4 спрема 1. Фрајбург со победата и вкупно 37 бодови се чини оствари решавачки чекор во зачувувањето на прволигашкиот статус.

Од настаните во ова коло е и победата на Борусија Дортмунд против Ханза Росток со 4 сопрема 1, која за домаќинот значи адут во борбата за пласман во Купот на УЕФА – барем мала утеха во однос на големите амбиции што не можеа да бидат реализирани во ова првенство.

Инаку, неизвесноста придонесува за полни трибини: на стадионот во Дортмунд беше регистрирана посета од 83 илјади гледачи, во Гелзенкирхен преку 61 илјада, во Келн рековме околу 50 илјади, во Штутгарт 48 илјади; севкупно речиси 414 илади на сите средби или просек од 46 илјади, со што е поставен нов рекорд според посетата во едно коло во историјата на Бундеслигата. Гледачите можеа да бидат задоволни, бидејќи во просек се постигнати 3,4 голови по натпревар. Просекот на целото првенство е нешто понизок – 2,93 гола по натпревар. Ова првенство досега привлече 10 милиони и 340 илјади посетители – па и во тој поглед на повидок е рекорд.

Инаку, водечкиот меѓу стрелците, Бразилецот Аилтон, со досегашните 26 погодоци веќе е најдобар стрелец во една сезона од сите играчи кои досега го носеле дресот на Вердер, потиснувајќи го од почесното место сегашниот селектор на германската репрезентација Руди Фелер, кој во сезоната 1984/85-та постигна 25 голови.