1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште едно категорично НЕ на Шредер за германски воен ангажман во Ирак – се “истрча” ли Штрук?

13 октомври 2004
https://p.dw.com/p/AcKZ
Германскиот министер за одбрана Петер Штрук
Германскиот министер за одбрана Петер ШтрукФотографија: AP

Германскиот канцелар Герхард Шредер јасно стави на знаење дека ни во иднина нема да бидат испраќани германски војници во Ирак. Искажувањата на министерот за одбрана Петер Штрук за весникот “Фајненшел Тајмс Дојчленд” дека никој не може да го предвиди развојот во Ирак и на подолг рок е замислив и германски воен ангажман, кренаа бура. Тоа беше оценето како релативизирање на стриктното НЕ на канцеларот и владата во однос на испраќање припадници на Бундесверот во Ирак.

Шредер веднаш по телефон разговарал со Штрук и потоа во кабинетот потврдил дека ставот на Германија е непроменет. “Ние секогаш заземавме недвосмислен став што се однесува до одбивањето на војната, како и јасен дециден став непосредно по неа. Ние таму нема да учествуваме, нема да испратиме ниеден војник во Ирак. Во тоа ништо не се смени и нема да се смени” – пренесе владиниот портпарол Томас Штег.

И помалиот коалиционен партнер Зелените потврди – нема промена на курсот. “Јас во тоа не гледам генерална промена на курсот; тоа, впрочем, не го најави ни министерот за одбрана. Факт е дека сите велиме оти во моментов е сосем непојмливо да дојде до германски воен ангажман во една земја на која и натаму и‘ се заканува да се распадне” – рече Ангелика Беер, партиски претставник за одбранбена политика, улога што ја споделува со Винфрид Нахтвај.

“И натаму поаѓам од тоа дека Штрук мисли оти навистина во догледно време во никој случај не доаѓа предвид ангажман на германски војници во Ирак и оти ние не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во таа катастрофа” – вели Нахтвај.