1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот суд на врела рингла

19 септември 2018

Извори во Судот велат дека има силни правни аргументи за отфрлање на иницијативите за поништување на Одлуката за референдум. Спротивното би предизвикало голема внатрешна криза со меѓународни импликации.

https://p.dw.com/p/357ms
Mazedonien Verfassungsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Десет дена пред закажаниот референдум, девет уставни судии треба да одлучат дали ќе поведат постапка за оценка на уставноста на Одлуката за распишување референдум донесена од Собранието на 30 јули. Против собраниската Одлука се поднесени три иницијативи - од партијата „Левица“, од организацијата „Светски македонски конгрес“ и од граѓанин од Куманово. Сите три се споени во еден предмет и ќе бидат разгледани како единствена точка на деневен ред на денешната седница. Подносителите на инцијативите сметаат дека Одлуката на Собранието е противуставна и спротивна на Законот за референдум. Доколку Уставниот суд ја прифати иницијативата, до одлучувањето може да биде донесена времена мерка со која се суспендираат сите поединечни дејствија и акти заради спречување на штетните последици по Буџетот, правата, слободите и внатрешниот правен поредок на земјата.

Ризик од длабока криза

Во изминатите денови медиуми веќе шпекулираа дека судијата-известител за овој предмет, Елена Гошева, во изготвениот реферат наводно предлагала Уставниот суд да поведе постапка на која ќе се разгледува иницијативата и да се изрече привремена мерка - стопирање на сите активности за одржување и спроведување на референдумот. Но, извори во Судот сметаат дека дека доминантниот став е поинаков, и дека постојат непобитни правни аргументи дека иницијативата треба да се отфрли. Премиерот Заев, кој деновиве беше прашан за коментар на овие иницијативи, рече дека според него сѐ е во согласност со Уставот, но дека Судот е најмеродавен.

Verfassungsgericht in Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Според правни експери, поништувањето на Одлуката за референдум во овој момент би предизвикала длабока уставна и политичка криза, не само со внатрешни, туку и со огромни меѓународни импликации. Сличен став дели и поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.  

„Дрзнувањето да се оди на попречување на референдумот, уште повеќе, имајќи во предвид во каква фаза се одвива, би водело во една длабока политичка криза. Треба да се изнајдат сили, свесни во самиот Уставен суд, тоа да не се дозволи“, рече Ивановски.

Повеќе за темата: 

-Македонија пред референдумот: Интернетот како бојно поле

-Опозицијата си гради алиби: „СДСМ е спремно и на фалсификат!“

-Македонија - поделена земја пред референдумот

Универзитетски професори по право, кои јавно се декларираат како застапници на идејата за бојкот на референдумот, преку социјалните мрежи „го храбрат“ Уставниот суд „да донесе времена мерка за запирање на одлуката и да ја поништи како неуставна и незаконска“. Такво очекување има и Димитар Апасиев од партијата „Левица“ која е еден од подносителите на иницијативата. Меѓудругото, тој реагира дека референдум кој се однесува и на сојузништвото со ЕУ, подлежи под други одредби за одлучување.

„За стапување во сојуз или заедница со други држави, со Уставот е предвиден исклучиво облигаторен, а не консултативен  референдум, и тоа не зависи од волјата на владејачкото мнозинство во Собранието“, наведува Апасиев.

За членство во ЕУ- посебен референдум

Но, правни експерти не се согласуваат со ставот на Аапасиев. Тие објаснуваат дека овој референдум не е изјаснување за зачленување во НАТО и ЕУ, туку за создавање услови за зачленување во нив. Овој аспект го потенцира и поранешната уставна судијка, Наташа Габер Дамјановска.

„Сметам дека поставеното прашање на сегашниот референдум не спаѓа во она референдумско изјаснување под член 120 од Уставот, кој се однесува на предлог за стапување/истапување од сојуз со други држави, бидејќи актуелното прашање се однесува на тоа дали граѓаните го прифаќаат или не предусловот (Преспанскиот договор) кој претходи како услов sine qua non за стапување во НАТО и ЕУ, како чекори кои следат. Очекувам дека подоцна во процесот ќе се организира посебен референдум за граѓаните да се изјаснат дали се за нивната држава да стане членка на Европската унија“, аргументира Габер.

Таа потсетува дека во јавниот дискурс извесно време провејува тезата дека Уставот на Република Македонија не познава консултативен референдум и од таа причина се смета дека се неуставни соодветните одредби во Законот кои се однесуваат за ваквиот референдум.

„Но, морам да напоменам дека во минатото Уставниот суд веќе се произнел по ова прашање и не повел постапка за оценување на уставноста, односно сметал дека Законот е во согласност со Уставот. Можеби ќе се согласиме дека на член 73 од Уставот му недостасува доуредување, но сепак видливо е дека став 1 и 2 уредуваат дека Собранието одлучува за распишување на референдум (не наведува каков) за прашања од својата надлежност, при што одлуката е усвоена ако за неа гласало мнозинството на избирачите кои гласале, но под услов да гласаат повеќе од половината од вкупниот број избирачи“, објаснува Габер.

Во пресрет на седница на Уставниот суд, за став по ова прашање беше запрашан и потписникот на Договорот од Преспа, министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

„Голема е одговорноста во овој момент, на кое било тело, дури и на Уставниот суд, да го земе клучот од рацете на граѓаните“, изјави Димитров на прес-конференцијата со германскиот колега Хајко Мас.