1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставна криза во Венецуела поради болеста на Чавез

ЕМФ/дв5 јануари 2013

Болеста на венецуелскиот претседател Хуго Чавез предизвика уставен конфликт меѓу владата и опозицијата во земјата. Што ќе се случи ако Чавез не може да положи заклетва според планираното?

https://p.dw.com/p/17Eas
Фотографија: Picture-Alliance/dpa

Државното раководство во Каракас сака привремено да се откаже од формалното полагање заклетва на тешко болниот претседател Хуго Чавез (фото горе). Чавез останува на функција, иако поради лекувањето во Куба не може да дојде на церемонијата на полагање заклетва, која беше планирана за 10 јануари, изјави вице-претседателот Николас Мадуро на државната телевизија. Уставот во ваков случај, според Мадуро, нуди „динамична флексибилност“. Таа на претседателот му дозволува привремено отсуство за период од 90 дена, кое може да се продолжи за уште 90 денови. „Формалноста“ на полагање заклетва би можела да биде извршена подоцна пред Врховниот суд во земјата, рече Мадуро.

Nicolas Maduro
Николас МадуроФотографија: dapd

Вице-претседателот со ваквите изјави реагираше на барањето на опозицијата за нови избори, доколку Чавез не положи заклетва на 10 јануари. Генералниот секретар на опозициониот сојуз МУД, Рамон Гиљермо Авеледо, изјави дека уставот не е „маса за моделирање“, туку треба да придонесе за зацврстување на сигурноста на демократијата.

„Манипулациите доаѓаат од САД“

Мадуро пак, наспроти тоа, ја обвини опозицијата дека сака да ја дестабилизира Венецуела. Противниците на шефот на државата шират лаги и манипулации за да предизвикаат несигурност. „Ние знаеме дека САД се тие од кадешто доаѓаат манипулациите“, нагласи Мадуро.

Претседателот на Венецуела Хуго Чавез беше опериран од рак на 11 декември во Куба. Ова е веќе четврта операција на Чавез од дијагностицирањето на болеста во јуни 2011 година. Според вице-претседателот Мадуро, здравствената состојба на Чавез е променлива, но нема вистинско подобрување. Чавез е претседател на Венецуела од 1999 година.