1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успешна трансформација: Бизнис академијата во Лајпциг

Маркус Беш30 јануари 2009

Во зданието на поранешниот Факултет за трговија во Лајпциг пред пресвртот се образуваа кадри на Социјалистичката партија (СЕД). Денес овде студира меѓународната бизнис елита - и тоа на англиски.

https://p.dw.com/p/GjLr
Бизнис академијата во Лајпциг
Поранешен факултет за трговија на ГДР - денес модерна бизнис академијаФотографија: HHL

Тешката дрвена порта на зданието не се отвора со обично туркање. Оние кои сакаат да влезат овде мораат да имаат лична шифра, што ќе ја внесат пред да им се отворат вратите - и тоа не само во физичка, туку и во преносна смисла на зборот. Зашто конкуренцијата за секое место на Бизнис академијата во Лајпциг е многу голема, иако, на пример, магистерските студии за бизнис администрација во времетраење од 15 месеци чинат цели 22.500 евра.

Патоказ на Бизнис академијата
До успешна кариера се стига по овој пат!Фотографија: HHL

Интересно е што 70 проценти од студентите се странци, а наставата се одвива исклучиво на англиски јазик. Во групите има од 25 до максимално 40 студенти. Ним на располагање им стои голема библиотека и тоа 24 часа на ден. Составен дел на образовната програма е прaксата во некоја фирма, студискиот престој во странство, а од неодамна и учеството на меѓународниот натпревар за најдобар преговарач. Станува збор за еден вид светско првенство во преговарачка вештина, на кое учествуваат и студенти од елитните американски универзитети Харвард и Јеил.

Спој на традиција и модерно

Студенти од целиот свет
Студенти од целиот светФотографија: HHL

Бизнис академијата во Лајпциг се потпира врз долга традиција. Годинава слави 110-годишен јубилеј од основањето, што ја прави најстара високошколска установа од областа на економијата во цела Германија. Дел од нејзината историја се секако и годините под режимот на Германската Демократска Република, кога во зданието се зборуваше само германски јазик, а како предмети се изучуваа „политичка економија“, „научен комунизам“ и „марксистичко-ленинистичка филозофија“.

„Од стариот Факултет за трговија на ГДР не остана ништо повеќе, освен јас и двајца административни соработници. Ова е сосем нова установа“, објаснува професорот Ханс Гешел. Тој порано бил декан на Факултетот за трговија и на своја кожа ги преживеал бурните времиња на пресвртот. „Кога во септември 1989 година почнаа да се одржуваат понеделничките демонстрации, добивме упатство да држиме семинари токму во тоа време кога демонстрантите излегуваа на улица, за нашите студенти да не одат таму. Но, сето тоа воопшто не помогна“, раскажува професорот Гешел, листајќи по пригодното издание за 110-годишниот јубилеј, што тој лично го напишал.

Иднината го победува минатото

Студенти на предавање
На предавањата студентите работат во помали групиФотографија: HHL

Во Бизнис академијата денес не се чувствува ништо од големите историски настани поврзани со паѓањето на Берлинскиот ѕид и со повторното обединување на Германија. Овде низ вратите на зданието и низ дворот се движат студенти од целиот свет, кои дури и во приватната комуникација зборуваат само на англиски јазик. Тоа се млади лица, кои не ја забележуваат историската димензија на зданието и на институцијата во која студираат. Нивните очи се свртени кон иднината. Студентот Фабијан Шааф објаснува: „По студиите ќе работам за една фирма од Северна Америка што нуди советодавни услуги. Тоа ми е планот!“ Младиот студент, веќе облечен како бизнисмен и со модерни очила, раскажува елоквентно и динамично за неговите професионални планови.

На неговиот план на предавања и вежби стојат многу модерни наслови, секако на англиски, зад кои се крие и општо знаење, што на Бизнис академијата се предавало уште пред пресвртот во 1989 година. „Кога сето ова ќе се ослободи од идеолошкото оптоварување, тогаш се препознаваат структури од општа вредност“, објаснува професорот Бешел и потсетува дека и на Факултетот за трговија во поранешната Германска Демократска Република се предавал на пример макертинг, само што тогаш наставниот предмет се викал - „реклама“!