1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успехот на изборите е обврска за Ердоан

23 јули 2007

Огромниот успех на Ердоан не значи и зелено светло за промена на политичкиот систем во Турција. Успехот ја зголемува одговорноста за земјата и народот, која тежи на рамената на Ердоан.

https://p.dw.com/p/BKzG
Реџеп Таип Ердоган по соопштување на резултатите од изборитеФотографија: AP

Турските избирачи недвосмислено се изјаснија за Ердоан и неговата АКП. На тој начин Ердоан може да составува влада сосема комотно. Но, тој не доби зелено светло за промени на уставот, зашто го нема за тоа потребното дво-третинско мнозинство.

Покрај АКП, се радуваат и десно-националистичката МХП и курдската Демократска општествена партија, ДТП. МХП по петгодишна апстиненција е повторно застапена во парламентот со 70 пратеници, додека ДТП ќе има пратеничка група од околу 20 пратеници. За славење нема причина само лево-националистичката Републиканска Народна Партија која на овие избори доби незначителен број гласови повеќе во споредба со претходните и со 110 пратеници тешко дека ќе претставува опозициона сила.

Ваквите резултати од изборите, и покрај јасното мнозинство освоени гласови, го принудува Ердоан на поголема подготвеност за компромис отколку кога било досега. Ердоан и неговата АКП не можат да прават што сакаат ниту при изборот на нов претседател, кој претстои, ниту пак во секојдневната работа на владата. Ердоан пред се треба да прави напори за форсирање на реформските процеси во земјата. За него нема време за соземање, зашто неговата АКП владее веќе пет години и од страна на ЕУ доби поддршка каква што не добила ниту една од претходните 59 турски влади.

Затоа, товарот на одговорноста врз рамената на Ердоан стана потежок. Овој резултат го принудува да работи на отстранување на стравовите во странство и во земјата дека Турција ќе се исламизира и натаму. За успехот на АКП да биде толку јасен, придонесе и армијата, која со своите закани за пуч предизвика контра реакција од која што партијата профитираше.

Затоа и курдските претставници би биле добро советувани кога би се обиделе да се ослободат од обвинувањето дека стремат кон поделба на територијалното и националното единство. Најновите барања за една Сојузна Република Турција со курдска сојузна држава во нејзини рамки, може да предизвика исто така реакција, која би им одела на рака на националистите во земјата.