1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успехот на Алкалоид е успех и на Македонија

20 септември 2011

Градена од генерации, препознатлива насекаде со децении по доверба и квалитет. Фармацевтскиот производител Алкалоид е една од неколкуте македонски компании која успешно го преброде периодот на транзиција

https://p.dw.com/p/12caM
Живко МукаетовФотографија: Petr Stojanovski

Колекциите Бекутан, Блекап, Сатва, Кафетин, кои со децении беа препознатливи на југословенските пазари и денес се заштитен бренд на шестата по големина фармацевтска компанија во југоисточна Европа. Првиот човек на Алкалоид Живко Мукаетов во разговор за Дојче Веле објаснува дека тајната на успехот на компанијата е во политиката на континуиран развој и инвестиции во препознатливи брендови и знаење:

„Овие 20 години за нас носат една голема промена, што посебно може да се слушне од луѓето кои во целиот период биле тука. Факт е дека во периодот на 90-те е инвестирано доста во компанијата. Еден фронт на инвестиции отворен од страна на поранешниот директор Трајче Мукаетов и раководството во тоа време со вкупни инвестиции од над 100 милиони евра од 98 година па наваму. Во договор со ЕБОР и Интернационалната финансиска корпорација изградени се неколку нови производствени погони со што се исполнети сите услови да се биде конкурентен на светскиот пазар. Тоа се големи инвестиции и големо ноу хау затоа што со години се инвестира во знаењето на луѓето“.

Пробив на странските пазари

Една од клучните карактеристики на развојот на Алкалоид во последната деценија е засилениот пробив на странските пазари. Преку 14 претставништва се извезуваат производи во триесетина земји, меѓу кои и во Германија:

„Во Германија имаме посебни активности во делот на извоз на сребрени соли. Наш партнер е Мерк и можам со задоволство да кажам дека годинава извозот во Германија треба да го завршиме со бројка од два ипол до три милиони евра. Од друга страна го имаме извозот на чаеви во САД каде што нашиот бренд Good Nature се продава на веб страната Amazon.com“.

Mazedonien Zivko Mukaetov Alkaloid
Фотографија: Petr Stojanovski

Од сегашна дистанца Мукаетов не смета дека нешто би било поинаку доколку би се спровел поинаков систем на приватизација. Моделот според него не е битен туку луѓето кои го спроведуваат:

„Јас би ги поделил компаниите на компании кои ги водеа домаќини и компании кои не ги водеа домаќини. Компаниите кои ги водеа домаќини и денес се присутни, растат, инвестираат, нивните вработени од тоа време во голем дел останаа акционери бидејќи се свесни за вредноста на компанијата и на крај на денот може да се сметаат како победници во тој процес на приватизација“. 

Исти привилегии и за домашните фирми

Еден од најмладите и најперспективни менаџери во Македонија е задоволен од економските политики на актуелната влада, но смета дека и домашните извозници треба да ги уживаат истите привилегии кои им се нудат на странските инвеститори во економските зони:

„Мислам дека е добро и домашните инвеститори да добијат шанса во тие зони, затоа што тоа ќе даде нов импулс на раст и развој и на одрдени извозни операции. Јас очекувам дека тоа ќе се направи во некоја форма, а дефинитивно сметам дека треба да се инвестира и во инфраструктурата, Коридорите 8 и 10 како и во енергетиката. Од овој аспект може да се види дека се влечат чекори и прикаската оди кон подобро“.

Инаку според проценките, пазарната капитализација на Алкалоид која годинава слави 75 години постоење  изнесува околу 210 милиони евра. Акциите на оваа компанија се едни од најтргуваните во Македонија.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Борис Георгиевски