Ураганот донесе хаос на американскиот источен брег
30 октомври 2012Монструозниот ураган „Сенди“ на својот разорен пат во САД однесе 17 животи и предизвика штети тешки милијарди долари. Жртвите се од Њу Џерси, Њујорк, Мериленд, Северна Каролина, Западна Вирџинија, Пенсилванија и Конектикат, а меѓу нив има и три деца. Штетите, како што се проценува, ќе изнесуваат меѓу 10 и 20 милиајрди долари. Со тоа „Сенди“ би станала најскапа природна катастрофа во историјата на САД.
Поради силниот дожд и ветер околу 6 милиони луѓе останаа без струја. Според енергетскиот концерн Консолидејтид Едисон работите на поправка на системот ќе траат околу една недела.
Од повеќе атомски централи на истокот на САД стигнаа известувања за проблеми поради невремето. Во една централа е исклучен еден реактор како мерка на претпазливост.
На една недела пред претседателските избори во САД, ураганот „Сенди“ речиси комплетно ја прекина предизборната кампања. Барак Обама ги откажа и за вторник закажаните предизборни активности, додека неговиот предизвикувач Мит Ромни има намера да се појави барем на еден предизборен термин - во сојузната држава Охајо.