1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УН против избори во Ирак пред 30. јуни

19 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcPt
Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, и' се приклучи на позицијата на САД дека до предавањето на власта врз Ирачаните нема да бидат создадени доволни услови за одржување слободни избори. Ова денеска го изјавија дипломати на Светската организација спроти средбата на Анан со 15-те членки на Советот за безбедност и уште 30 други земји заинтересирани за состојбата во Ирак.

Од она што може да се дознае од дипломатски извори на Ист ривер, генералниот секретар на Светската организација на денешната средба ќе се изјасни принципиелно за демократски избори во Ирак, но исто така ќе побара и доволно време за соодветни подготвки. Со тоа пропаѓа барањето на шиитското мнозинско население во земјата, кое посакуваше изборите да се одржат уште пред предавањето на власта од САД врз Ирачаните на 30. јуни.

Специјалниот пратеник на ОН за Ирак, кој престојуваше во земјата, по враќањето во Њујорк изјави:

"Се надевам дека сите ќе не' послушаат. Ајатолахот Систани и јас имавме многу добар разговор и сметам дека и тој како и сите други ќе разберат дека ОН немаат друга намера освен да им помогнеме на Ирачаните."

Светската организација е подготвена да игра и решавачка улога при подготвувањето и спроведувањето на изборите, при тоа настојувајќи на сопствените критериуми, искуства и компетенции од ова подрачје. Тоа е од огромна важност за веродостојноста на идната ирачка влада на меѓународната политичка сцена. Изборите не смеат да се најдат во сенка на приговорите дека се одржале под покровителство и влијание на САД како окупациона сила во Ирак, бидејќи во тој случај би биле безвредни. За да можат соодветно да бидат подготвени ОН бараат како термин за нивно одржување да биде одреден периодот меѓу ноември оваа и февруари наредната година.