Уникатни илустрации на германски поговорки
Овие омилени германски поговорки беа ексклузивно илустрирани за потребите на ДВ. Сѐ уште масовно се користат и не загубиле ништо од својата актуелност. Колку од нив ви се познати?
Секое лонче има свое капаче
Поговорка која често се користи и во македонскиот јазик. Во оригинал на германски се вели „Jeder Topf findet seinen Deckel“. Значењето ѝ е исто и на двата јазика и може да се толкува или употребува во различни пригоди.
Liebe geht durch den Magen
„Љубовта доаѓа преку стомакот“. Дали кај вас љубовта доаѓа преку срцето? Кај Германците тоа не е случај. И притоа тука нема никакво скриено значење во смисла дека во стомакот добивате некое скриено чувство, туку едноставно дека некој/а ќе се заљуби во вас доколку добро му/и зготвите.
Wo Rauch ist, ist auch Feuer
„Каде што има чад, има и оган“. Со значење: доколку гласините или шпекулациите на некоја тема толку се намножиле за некоја личност или некој настан, веројатно се и точни. Подиректната интерпретација би била во однос на причината и последицата.
Das Auge isst mit
„И очите да се најадат“. Секој активен корисник на Инстаграм знае дека убавите фотографии од храна добиваат повеќе „лајкови“. И ресторатерите се свесни дека презентацијата на храната има големо влијание врз крајната оценка. Истото го потврдуваат и научниците. Честопати, навистина јадеме и со очите, како што вели германската поговорка.
Die Welt ist ein Dorf
Германската поговорка „Светот е село“ може да се најде и во многу други светски јазици. Дека „светот е мал“, исто така се уверуваме секојпат кога ќе најдеме повеќе заеднички особини со некој потполн странец. Сите се смееме, сите плачеме, и сите ги сакаме, помалку или повеќе, истите нешта во животот.
Dummheit und Stolz wachsen auf einem Holz
„Глупоста и горделивоста растат на исто дрво“. Оваа поговорка констатира заедничко потекло на двете негативни особини. Оние кои се премногу горделиви, вели таа, честопати не се многу интелигентни и нивната гордост е неоправдана.
Wer schön sein will, muss leiden
Најблискиот превод на македонски би бил „Трпи бабо за убавина“. Дури ни експертите за поговорки не успеваат да ги најдат корените на оваа поговорка, но пораката е јасна: за да се биде убав потребни се жртви. Многумина, како манекенките, фитнес-гуруата и сл. во денешно време, ќе се согласат.
Die Ratten verlassen das sinkende Schiff
„Стаорците први го напуштаат бродот што тоне“. Во минатото, за време на долгите патувања било утврдено дека стаорците во големите бродови често доаѓаат на палубата кога некој дел од бродот ќе почне да пропушта вода. Во меѓувреме, поговорката се однесува на оние кои први го напуштаат тимот на кој не му оди добро.
Ist die Katze aus dem Haus, tanzen die Mäuse auf dem Tisch
„Кога ја нема мачката, глувците оро играат“. Кога учителот, родителот или некој друг авторитет ќе си замине од собата, децата прават што сакаат. Ова однесување не е ограничено само на децата, а поговорката е толку распространета што постои во речиси сите јазици.
Der Fisch stinkt vom Kopf her
„Рибата смрди од главата“. Главата на рибата се распаѓа брзо по смртта, па оттука тој дел од телото најбрзо засмрдува. Поговорката најчесто се користи за организации или институции во кои раководството не си ја врши работата како што треба.
Reden ist Silber, Schweigen ist Gold
„Зборувањето е сребро, молчењето е злато“, вели оваа германска поговорка. „Сребрениот говор“ се појавува во Библијата. А златното молчење? Сунитскиот учен Ибн Катир му ја препишал оваа поговорка на мудриот човек од Куранот, Лукман: „Доколку зборовите се сребрени, молчењето е злато“.
Eine Hand wäscht die andere
„Една рака ја мие другата“. Оваа поговорка може да има и позитивно и негативно значење. Се користи и кога криминалци си помагаат, како на пример, корумпирани политичари. Но и во ситуации кога е нешто од взаемна корист. Гете ја користел како позитивен пример во кусата поема „Како ти мене, така и јас тебе“.
Lieber den Spatz in der Hand, als die Taube auf dem Dach
„Подобро врапче в рака, одошто гулаб на гранка“. Луѓето со милениуми ги јаделе гулабите. Но во неволја, и врапче ќе заврши работа. Оттука, оваа германска поговорка предупредува на опасноста секогаш да се бара нешто повеќе. Потеклото и е од латинската „Една уловена птица е подобра од илјада во тревата“.
Pech im Spiel, Glück in der Liebe
„Баксуз во играта (коцката), среќа во љубовта“. Многумина погрешно претпоставуваат дека се работи за исказ од типот или/или. Некои германски научници го нашле коренот во слична шпанска поговорка која грубо би се превела: „Оние кои бараат среќа во игрите ќе бидат несреќни во домот“. Значи можете да ги имате обете, но почнете со среќниот дом.
Ein gutes Gewissen ist ein sanftes Ruhekissen
„Чистата совест е мека перница“, е една од најшармантните германски поговорки. Не правете зло, и ќе си спиете со леснотија. Умни зборови, но не се голема утеха за оние кои навистина страдаат од несоница.
Viele Köche verderben den Brei
„Многу готвачи ја расипуваат супата“, би гласел буквалниот превод. На македонски истата поговорка би можела да се пренесе и со „Многу бабици килаво дете“. Иако потеклото не и е познато, суштината е во јасното раководство или лидерство, т.е. недостатокот од хиерархија при одлучувањето.
Kleider machen Leute
„Облеката го прави човекот“. За разлика од Балканот и Македонија, каде оваа поговорка најчесто се користи со негација и со сосема спротивно значење, во западниот свет е преземена од латинскиот, а најпознатата модификација е на Марк Твен: „Голите луѓе имаат мало или никакво влијание во општеството“.
Einem geschenkten Gaul schaut man nicht ins Maul
„На подарен коњ не му се гледа во забите“. Во минатото, кога коњите биле прифатливи како подарок, било сметано за неучтиво да се изигрува забар во присуство на дарителот. На тој начин се откривала староста на коњот и неговата вистинска состојба, а со тоа и неговата вредност. Невкусно! Модерната верзија би гласела: „Не ја гуглај вредност на подарокот пред дарителот“.
Lügen haben kurze Beine
„Лагата има куси нозе“ е позната поговорка во германскиот и други јазици. Лагите имаат кусо траење: брзо патуваат, но не и долго. Африканската варијанта вели „Можеш да јадеш еднаш со лага, но не и двапати“. На арамејски: вистината останува, лагата не.
Jeder ist sein Glückes Schmied
„Секој човек е ковач на својата среќа“ нема германски корен. За првпат е забележана кај латинскиот конзул Апиус Клаудиус Кајкус во 300 г. п.н.е. Во македонскиот јазик не претрпела никакви измени. Во англискиот, на пример, има малку поуметнички израз: „Секој човек е творец на своето богатство“.
Der Apfel fällt nicht weit vom Stamm
„Јаболкото не паѓа далеку од дрвото“ постои во многу јазици. Некои германски извори тврдат дека поговорката има и друга „приказна“. Според тоа верување, доколку се родат близнаци на млада месечина, а едниот подоцна загине во клановски судир, преживеаниот "Der Abfell" добива право на една година развратен живот. На крајот на годината мора самиот да се убие. Оттука, таа јаболка паѓа до своето дрво.
Morgenstund hat Gold im Mund
„Кој рано, рани, две среќи граби“, им била позната на Германците, како и на Римјаните. Еразмус подоцна ја модификувал латинската изрека по свое наоѓање: Aurora musis amica, или зората е пријател на креативноста.