1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарците бесни: ЕУ ги казнува само малите земји

24 февруари 2012

Еврокомисијата неодамна најави дека замрзнува 495 милиони евра за Унгарија поради непочитување на барањата за намалување на буџетскиот дефицитот. Будимпешта е разлутена.

https://p.dw.com/p/149Vb
БудимпештаФотографија: AP

Неопходен е строг надзор- ЕУ повеќе не сака да ги толерира несмасните државни буџети. Прва земја која ќе ги почувствува построгите контроли е Унгарија, на која Унијата и‘ се закани со повлекување на речиси половина милијарда евра наменети за земјата. Предлогот за повлекување на средствата е последна фаза од низата спорови околу унгарските државни финансии.

Тоа е и првпат Европската комисија да предлага замрзнување на развојните фондови за една од своите земји-членки поради пробивање на границата на дозволен буџетски дефицит.

Комисијата бара од Унгарија да ја намалу стапката на нови задолжувања која неколку години по ред ја надминувале дозволената граница од три насто од брутодомашниот производ. И покрај неколку предупредувања, национално-конзервативната унгарска влада досега не презема структурни мерки за намалување на трошоците. Еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен во Брисел изјави дека не станува збор за казна, туку за „поттик за Унгарија да ги реши своите буџетски проблеми“.

Ungarn Premierminister Viktor Orban
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: picture-alliance/dpa

Дали Европа ќе ја казни и Франција?

Сепак, унгарската влада остро ја критикуваше одлуката на Европската комисија. Таа е правно спорна и не е во духот на Европските договори, се истакнува во соопштението на владата во Будимпешта. Премиерот Виктор Орбан одлуката ја оцени како „неоснована и неправедна“. И унгарскиот новинар Золтан Ѓеви ја критикува одлуката на Брисел, истакнувајќи дека е лесно да се казнуваат малите земји-членки: „Многумина Унгарци многу ги интересира дали Комисијата на ЕУ ќе ги казнува еднакво консеквентно и големите земји-членки. Како на пример ќе се постави Комисијата спрема Франција и нејзиниот буџетски дефицит?“.

Инаку, десно-конзервативната влада на Унгарија со месеци е под остра критика на Европската унија поради новиот устав, како и рестриктивниот закон за медиуми. Иако Унгарија уште на крајот од минатата година бараше пакет со помош од ЕУ и ММФ, ниту една од овие институции засега нема најавено дека е подготвена на такво нешто. Доколку Унгарија до почетокот на наредната година не ги спроведе неопходните реформи, 495-те милиони евра за неа ќе бидат засекогаш загубени.

Автор: Катерине Мартенс/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска