1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија: Секс-аферата го потресува системот на Виктор Орбан

3 декември 2020

Секс-скандалот на политичарот Јозеф Сајер од Фидес е симбол на лицемерието и двојниот морал во државата во која премиерот Виктор Орбан врши подбуцнување против Европа и мафта со моралниот стап против хомосексуалците.

https://p.dw.com/p/3m8BZ
Ungarischer EU-Abgeordneter | Jozsef Szajer
Фотографија: Patrick Seeger/dpa/picture alliance

Со кого и со колкумина се среќава некој политичар во својата спална соба или на какви легални секс-забави учествува, во толерантната и слободарска Европа е негова приватна работа. Освен, ако тој не е лицемер, кој во јавноста се претставува како спротивност од она што го прави во пракса. Тогаш неговиот приватен живот станува политика.

Така, приватниот живот на унгарскиот десно-конзервативен европратеник Јозеф Сајер, близок соработник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, се претвори во политика. Во јавноста на државата - членка на ЕУ, Сајер е познат како застапник на строги традиционалистички и десно конзервативни погледи. Тој го пишуваше новиот христијанско-конзервативен устав на Унгарија во 2010 година, кој содржи и хомофобен член кој се однесува на семејството.

Во петокот вечерта, Сајер во Брисел учествувал на секс забава, илегална поради важечките корона-ограничувања. Белгиските медиуми ја нарекоа „генг-бенг" забава, на неа биле претежно хомосексуални мажи. Друштво од дваесетина луѓе собрани во стан кој се наоѓа над просториите на геј-бар. Поради поплаките на соседите за големата врева, полицијата упаднала во станот, зела лични податоци од присутните, во најголем дел голи мажи и ја растурила забавата.

Повеќе:

Геј во Брисел, анти-ЛГБТ во Будимпешта

При влегувањето на полицијата, Сајер полугол побегнал преку прозорецот, искачувајќи се на олук, при што ја повредил раката. Кратко потоа бил приведен од полицијата, раскрвавен, без лични документи, а во неговиот ранец се најдени екстази-таблети. Сајер бил придружен до неговиот стан, каде го покажал својот дипломатски пасош. Во неделата европратеникот писмено се откажа од својот мандат, како образложение наведувајќи меѓудруго „сѐ поголема психичка оптовареност". 
Вчера конечно станаа познати конкретните причини за неговата одлука, кои претходно ги премолча.

Соосновач на партијата на Орбан

Аферата Сајер во Унгарија го предизвика еден од најсилните политички земјотреси во изминатите децении, кои носат печат на владеењето на Орбан. Но, таа во прв ред го отсликува лицемерието и двојниот морал во системот на Орбан, преку примерот на еден од неговите најважни политичари: Сајер во 1988 година беше еден од 37-те основачи на партијата Фидес - „Сојуз на млади демократи" и е еден од малкумината сѐ уште политички активни од тоа време. Овој грст лица, во кои спаѓа и претседателот на парламентот Ласло Ковер, како и злогласниот расистички  публицист Золт Бајер, со Орбан сочинуваат затворена клика

Сајер освен тоа беше важна поврзница на Орбан во Брисел и важна алка во Орбановата европска политика. На тоа треба да се додаде – Сајер е сопруг на донеодамна најважната правничка на Унгарија, Тунде Хандо, која до 2019 година ја водеше државната правна служба ОБХ и имаше важен удел во правосудната реформа со која судовите потпаднаа под влијание на владата.

Ултраконзервативни погледи

Сајер не е конфронтирачки тип и теоретичар на завери како на пример претседателот на парламентот Ковер. Но, тој никогаш не остави сомнение во неговите ултраконзервативни уверувања. Во Брисел тој доследно ја застапуваше Орбановата националистичка, етничка и христијанско-фундаменталистичка идеологија. 

Belgien I EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Секс-аферата на Сајер доаѓа во незгодно време за Виктор ОрбанФотографија: picture-alliance/dpa/AFP Pool/J. Thys

Унгарскиот устав од 2012 година, така барем вели легендата, Сајер го напишал на својот таблет-компјутер на неговите патувања меѓу Будимпешта, Брисел и Стразбур. Во првиот дел, уставот содржи пасус според кој бракот се дефинира исклучиво како заедница на маж и жена, а истовремено бракот е темел на семејството, кое пак е предуслов за одржување на нацијата.

Црвена линија за хомосексуалците

Хомофобијата во Унгарија од 2010 година беше зацврстена, но за разлика од Полска, не и посебен составен дел од владината политика. Во изминатите години Орбан повремено правеше примитивно-потценувачки забелешки за хомосексуалноста, но не се спушти на нивото на ноторно агресивните мразачи на хомосексуалците како што е случајот на публицистот Бајер или претседателот на парламентот Ковер. 
Но, се чини како минатите месеци Орбан да зеде пример од Полска и хомофобијата ја става сѐ повеќе во центарот на својата реторика.
Во октомври тој ги спореди хомосексуалците првпат со педофилите. Во едно интервју изјави дека Унгарија е толерантна и трпелива кон хомосексуалците, но постојат и црвени линии: „Тие треба да ги остават нашите деца на мира."

Зголемена хомофобност во медиумите

Неодамна владата на Орбан иницираше дополнување на уставниот член за семејството. Таму сега би требало да стои: „Мајката е жена, таткото е маж". Медиумите блиски на власта донесуваат засилено хомофобни содржини. Уште во мај парламентот усвои закон кој забранува промена на полот во матичната евиденција.

Аферата Сајер за Орбан и неговата влада стигнува во невреме не само поради оваа хомофобна офанзива. Премиерот, по ветото за буџетот на ЕУ ставено од Унгарија и Полска, води нова антиевропска кампања во која размавтува со моралниот стап пред домашната публика.

Последици од аферата

Доколку биде воведен механизмот за почитување на правната држава, тврди Орбан, ЕУ ќе се претвори во „нов Советски Сојуз". Орбан ја обвинува ЕУ за желба да воведе диктатура на политичка коректност, во која веќе нема да важат христијанските, традиционални и семејни вредности, а лево-либералниот европски естаблишмент сака луѓето да ги претвори во безбожни и без идентитет.

Парадоксално, аферата Сајер би можела сега на кратко или среднорочно да ја запре Орбановата хомофобна офанзива. Орбан сигурно детално ќе ги проанализира последиците на скандалот. Зашто, да не заборавиме, поради секс-аферата на локален политичар со една проститутка во северозападна Унгарија, Фидес на локалните избори пред една година доживеа изборен дебакл.