1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170112 EU Ungarn

18 јануари 2012

Комисијата на ЕУ отвори постапка против Унгарија поради повреда на независноста на централни државни институции во земјата. Премиерот Виктор Орбан во меѓувреме испраќа знаци дека е подготвен да преговара за забелешките.

https://p.dw.com/p/13lCE
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Reuters

Сега е и официјално. Комисијата на ЕУ отвори повеќе постапки против унгарската влада поради сомневање за прекршување на европското право. Станува збор за улогата на Централната банка, службата за заштита на податоците и правосудството.

Независноста на овие три институции повеќе не може да се гарантира по последната измена на законската регулатива во Унгарија, смета Комисијата на ЕУ. Претседателот на Комисијата Жозе Мануел Барозо вчера попладне соопшти:

„Се надеваме дека унгарската влада ќе ги спроведе неопходните промени, за да обезбеди почитување на европското право. Тоа не се случи досега. Оттука донесовме одлука, да отвориме постапка поради кршење на европските регулативи. Унгарија е клучна членка на европското семејство. Не сакаме да остане ниту сенка од сомневање дека Унгарија ги респектира демократските начела и  вредности. Колку побрзо ова биде решено, толку подобро“.

Streit EU-Kommission und Ungarn
Жозе Мануел Барозо бара објаснување од унгарскиот премиерФотографија: dapd

Орбан покажува знаци на попуштање

Во меѓувреме унгарскиот премиер Орбан, притиснат поради отворање на постапката од страна на ЕУ, изрази готовност за компромис. „Отворени сме и подготвени  да преговараме за сите проблеми, кои од Комисијата на ЕУ ќе бидат изнесени врз база на сериозни аргументи“, изјави Орбан за весникот „Билд“. Унгарскиот премиер го уверил претседателот на Европската комисија дека ќе разговара со него за проблемите идниот вторник. Доколку Унгарија не ги исполни барањата на Комисијата, и‘ се заканува тужба пред Европскиот суд и на крајот парична казна. Освен ова ќе бидат замрзнати преговорите со ЕУ и со ММФ за итно неопходната финансиска помош, се‘ додека ЕУ се сомнева во независноста на Централната банка.

Шулц со критики на сметка на Орбан

Вчера претпладне уште пред да биде позната одлуката на Европската комисија, Унгарија беше тема и во Европскиот парламент. Новиот претседател на парламентот Мартин Шулц притоа истакна:

„Мислам дека парламентот мора да се заложи и во земјите-членки да се респектираат и применуваат демократијата, основните и правата за слобода како нешто што е разбирливо само по себе. Оној кој ги повредува вредностите на нашата Повелба за основните права мора да смета на отпор од наша страна. Како парламент обврзани сме на тоа“.

Streit EU-Kommission und Ungarn
Европската комисија поведе постапка против УнгаријаФотографија: Reuters

Подоцна Шулц на една прес конференција се наврати и на критиката од унгарска страна, дека ЕУ не би требала да се меша во внатрешните работи на една земја. 

„Една земја членка на ЕУ не може да каже: имам внатрешна политика и тоа е моја работа. Не, европската политика исто така е внатрешна политика на една земја членка и политиката на една од земјите членки автоматски е дел од европската политика“.

Се очекува премиерот Виктор Орбан денеска лично да заземе став пред Европскиот парламент. Доколку дојде до жестока размена на мислења, нема да биде првпат. Пред една година на почетокот на унгарското претседателство Орбан веќе беше соочен со жестоки критики од Парламентот поради спорниот унгарски закон за медиуми. И тогаш Комисијата на ЕУ бараше промени. Орбан направи отстапки, но до сега не е целосно отстранета критиката за недостатоци во областа на слободата на печатот.

Автор: Кристоф Хазелбах/ Александра Трајковска 

Редактор: Жана Ацеска