1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уметност во политички и културен мрак

Сузана Тодоровска-Павлоска29 март 2013

Во исполитизираниот, поделен и полн со конфронтации македонски контекст, уметниците се обидуваат да изнајдат нови уметнички простори и форми за своите ставови кон клучните општествени случувања.

https://p.dw.com/p/186gm
Фотографија: Fotolia/Nataliya Hora

„Уметноста без разлика дали ги тематизира политичките релации, имплицитно и експлицитно е- политика“, велат уметниците од иницијативата Кооперација, група автори кои се самофинансираат и организираат изложби надвор од галериите, во импровизирани простори и сугерираат поинаков начин на создавање и доживување на современата уметност во земјава.

„Факт е дека се наоѓаме во политичка криза но истовремено сè повеќе се поставуваат прашања поврзани со уметноста и нејзината улога во општествениот дискурс. Арт активизам, уметноста како ангажирана но, во контекст на што? Дали само тоа е опцијата на уметноста, иако таа мора да биде општествено свесна- најпрвин за себе, а потоа и за светот околу неа“, вели за ДВ уметникот Игор Тошевски од Кооперација.

Авторот во македонскиот политички контекст ?

„Уметникот треба да има активна улога и тој не може да го игнорира светот околу себе, така што најискрено би било да истапи со дела кои реферираат на светот во кој живее и кој го преживуваме секој ден низ среќа, радост, очајни состојби- сето тоа е дел од животот, а со тоа и од уметноста“, објаснува Тошевски.

Секоја уметност е политичка и мора да биде политички ангажирана инаку, сè друго е ескапизам, смета Филип Јовановски, уметник.

„Политичката поларизираност како да ја исчисти позицијата на уметникот - како треба да се постави. Од една страна имаме силно промовирани уметници од власта кои создаваат во овој контекст, а

од друга страна се уметниците кои сакаат независно да бидат реакција на позициите на моќ со кои не се согласуваат. Се чувствувам многу потиснат но, од друга страна и многу инспириран...“, вели Јовановски.

Уметникот Владимир Јанчевски, најголем акцент става на одговорноста на уметникот.

„Голем дел од уметниците чувствуваат нелагодност кога се спомнува политичкото бидејќи кај нас самиот збор е стигматизиран со врските меѓу единките и политичките партии кои го окупираат целокупниот простор, така што се обидуваме да ја релативизираме таа поларизација. Тоа не значи дека е во насока на одредена политичка партија. Уметниците кои прават чекори да влезат во групата критичка уметност или уметнички активизам, се соочуваат со критика“, изјави Јанчевски за ДВ.

„Културните институции се парализирани“

Symbolbild Blau Farbe Pinsel
Фотографија: CC-BY-Wilson Dias/Abr

Во неконвенционален простор за уметнички поставки (во Туристичкиот сојуз на Скопје), неодамнешната изложба „Каде се сите?“ (инсталации, принтови, видео, цртежи од 15 македонски уметници), траеше само неколку часа и –во темнина- „рефлексија на сегашната состојба на политички и културен мрак“, вели Игор Тошевски.

„Мракот говори за тоа дека културните институции во Македонија станаа орган за манипулација на политиката и во случајов е убав демант на нашата состојба затоа што тие културни институции се тотално парализирани“, изјави уметникот Александар Спасоски.

Концептот на своето дело- мала интимна проекција на видео во шкаф, го базира врз „социјалниот и политички мрак што Македонија го живее и во кој не постои интелектуална, јавна дискусија“, вели Спасоски.

Христина Иваноска, уметница која се претстави со серија колажи, ги третира прашањата на граѓанската ангажираност, колку уметникот е вклучен во секојдневната политика, како може да интервенира и што да прави.

„Притисокот на уметникот во последно време стана многу голем. Од него се очекува постојана ангажираност па понекогаш и на штета на неговото творештво затоа што се создава некоја ад-хок уметност...Уметничкото творештво бара изолација – едно е позиција на активист, а друго уметник “, вели Иваноска за ДВ.

Сè повеќе се создава критичка уметност

Проф.др.Небојша Вилиќ, историчар на уметност, акцентот го става на разликата меѓу политичката и идеолошката уметност и објаснува дека уметноста кај нас не е ангажирана туку повеќе е критичка, смета Вилиќ.

„Македонските уметници сеуште имаат двојност околу овие поими- што значи ангажиран, а што критички уметник. Со оглед на големината и обемот на творештвото на македонската ликовна сцена, лично сум задоволен колку е голем бројот на уметниците кои се осмелуваат да направат дури и критичка уметност односно, да се покажат себеси во друго својство- како уметници кои се засегнати од општествената стварност и се доволно слободни да го кажат своето мислење за она што ги засега“, вели Вилиќ.