Украина сака поблиски односи со ЕУ
19 септември 2013Украинската влада е на патот кон асоцијацирање во ЕУ веќе со години. И покрај тоа, во последниве неколку години, владата половично ги имплементираше потребните економски и демократски реформи. Сепак, под авторитарното владеење на Виктор Јанукович може да се очекува промена во овој терк, затоа што тој сака Украина да го потпише договорот за асоцијација со ЕУ.
Вчера (18.09) владата на Украина и официјално ја одобри нацрт верзијата на спогодбата. Украинскиот премиер Микола Азаров ја нарече одлуката „историски чекор“. Но, и покрај фактот што договорот е чекор во вистински правец, членството во ЕУ сѐ уште е далеку. „Со потпишувањето на договорот го трасираме патот кон европскиот стандард на живеење“, изјави Азаров.
Затоплување на односите со ЕУ?
Нацрт договорот за асоцијација и слободна трговија беше во мирување од март 2012 година. Откако ја презеде власта во 2010 година, Јанукович најпрво ја зголеми својата моќ и ги уапси политичките противници. Судството беше воведено „во ред“, а економијата ставена под контрола на олигарсите блиски до претседателот. Дури во пролетта оваа година, кога неколку политички затвореници беа пуштени на слобода, меѓу кои најважниот е поранешниот министер за внатрешни работи Јури Лутсенко, преговорите со ЕУ се придвижија.
Сепак сѐ уште не е јасно дали ЕУ ќе го потпише договорот за асоцијација на третиот Самит на Источното партнерство кое треба да се случи во Вилнус, во ноември. ЕУ притиска да се реформираат судството и изборниот законик. Посебно внимание е насочено кон ставањето крај на политизацијата на судството, а посебно се критикува затворањето на поранешната премиерка Јулија Тимошенко. Таа беше затворена заради злоупотреба на позицијата во 2011 година, а по доаѓањето во затворот се разболе. Германската влада постојано и‘ нуди здраствена заштита, но Киев досега одбиваше политичко решение на проблемот. Според претседателот Јанукович, не постои правна основа според која Тимошенко може да биде префрлена во Германија.
Тимошенко како пречка
Брисел го отфрла ваквото објаснување. Елмар Брок, претседателот на Комитетот за надворешна политика, за Дојче веле изјави: „Тимошенко треба да биде пуштена од затвор и да и‘ биде дозволено да избере болница каде ќе се лекува надвор од Украина“. Тој веќе со години лобира за нејзиното ослободување и додава дека доколку тоа не се случи, нема да има спогодба меѓу ЕУ и Украина.
Брок не е само гласен противник на авторитарниот украински претседател, туку и поборник за украинска асоцијација кон ЕУ. Германскиот политичар смета дека без поблиски врски со ЕУ, Украина ќе продолжи да биде под руско влијание и нема да може да спроведе демократски реформи.
На крајот на август, Русија реагираше на украинското приближување кон ЕУ, со тоа што го забрани увозот на украински производи. Брок ја постави постојната трговска војна на Русија со Украина на радарот на Европскиот парламент. Комесарот за проширување Штефан Филе, изјави дека ваквиот притисок од руска страна врз Украина е неприфатлив. Пред Европскиот парламент тој изјави: „Неверојатно е дека нашите партнери се казнети за одлука која слободно ја донесле“.
Според голем број на украински експерти, Москва ја турка Украина во рацете на ЕУ. Но, за Дитмар Штуденман, германскиот амбасадор во Киев, договорот е далеку од завршена работа. За Дојче веле тој изјави: „Нема смисол да се прими Украина во европските структури само затоа што е жртва на Русија. Што се однесува до мене ниту една од ветените реформи од страна на Киев нема кредибилитет ако Тимошенко не биде ослободена“.