Уве Зелер го прослави 70-от роденден
6 ноември 2006На стадионот во Хамбург се наоѓа неговото три ипол метри високо, во бронза излеано стапало. И тоа е едно од многубројните признанија за Зелер. Тој е првиот германски спортист што го доби највисокото одликување Сојузниот крст за заслуги, беше првиот што беше прогласен за фудбалер на годината во 1960-та, а од 1972-ра година е почесен капитен на репрезентацијата на Германија.
Во неа дебитира на 17-годишна возраст – Зелер и натаму е најмладиот репрезентативец на сите времиња. 72 пати настапи во дресот на репрезентацијата, притоа постигна 43 голови. Учествуваше на 4 светски првенства. “Сите светски првенства чудесно ги доживеав. Тоа беше прекрасно време. Бев радосен што можев да учествувам” – вели Зелер, без да искаже жалење што не успеа да освои ниту една титула светски првак. Во 1966-та беше близу до неа – во финалето Германија е поразена со 4 спрема 2 од домаќинот. Третиот гол на Англија до денес е спорен. “За голот веќе не би сакал да зборувам, оти и не беше гол, но ние загубивме против првокласен, супер тим на Англија – мислам дека тие би биле радосни да имаат денес во своите редови такви извонредни играчи – и Англија заслужено беше светски првак” – вели големиот спортсмен.
Уве Зелер, син на работник во хамбуршкото пристаниште, никогаш во кариерата не играше за друг тим, освен за својот Хамбургер. За него одигра 476 прволигашки натпревари и постигна преку илјада голови, со него пред 46 години ја освои титулата првак на Германија.
Зелер има три ќерки и во меѓувреме седум внуци. Иако беше и остана идол на нацијата, остана цврсто на земја. По фудбалската кариера беше поуспешен како деловен човек, отколку повремено како претседател на клубот. Хоби му е играње голф, а со селекција на фудбалски ветерани настапува за хуманитарни цели.