1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убавината на жената!

8 септември 2009

Да се фотографира женското тело и лице е вообичаено специјалност на машките мајстори на објективот. Ова табу, го прекрши тетовчанката Мимоза Велиу. Со „Афродизирании“ се претстави во Прима Центар – Берлин.

https://p.dw.com/p/JW83
Mимоза Велиу нема предрасуди кон убавината!Фотографија: DW
Во дваесеттината црно-бели фотографии Мимоза Велиу пренесува еротика каква малку кој можеше да очекува од оваа млада, црнокоса и ситна жена од срцето на Балканот. Мошне смело таа го претставува женското тело, видено магично, мистично, слободно.

Зошто е во фокусот жената?

„За мене нешто убаво е убаво, без оглед дали е машко или женско. Ме прашуваат зошто гледам во насока на жените? Дали имам некои сексуални афинитети? Кажувам дека јас ја сакам убавината и немам проблеми со жената. Сакам да ја фотографирам и таа убавина, која некогаш е внатрешна, скриена и сакам да излезе на површината,“ кажува Мимоза Велиу. Таа се осврнува и на исклучително импресивната фотографија на полугола жена на прозорец: „Фотографијата е сликана во Тетово, во една приватна куќа. Со оваа фотографија сакам да кажам дека жената е убава и каква да е! Може да е убава иако е дебела, иако не е во фокусот на објективот, како што е во случајот."

Photographin Mimoza Veliu
Репортерката на Дојче веле Силвера Падори со Мимоза ВeлиуФотографија: DW

Желбата за слобода, за лет ја има и во фотографијата „Делириум”, во девојката со мрежести чорапи и високи потпетици, во атрактивна „Жена со маска” за која Мимоза коментира: „Овие маски се прават во Албанија и се продаваат во Италија. Мене ме воодушуваат и сакав да имам таква фотографија.”

Живеачка од комерцијални фотографии

Динамичен и импресивен е и циклусот фотографии на танцувачи. Велиу, која студира дизајн на медиуми во Берлин вели дека и натаму ќе биде сконцентрирана на фотографии од театарот и балетот.

За тоа дали може да се живее од фотографирањето Велиу вели: „Не може да се живее од уметност. Изложбите се храна за душата, но живеам од фотографирање по порачка. Тоа е друго, комерцијално. Сликам настани, но не сакам да престанам да се занимавам со уметничка фотографија. Не е лесно во Берлин да си фотограф. Особено, е тешко ако не си оттука и ако си жена. Но, јас се обидувам да бидам не само добра, туку и посебна. Се обидувам во секоја фотографија да донесам свој свет и чувство за да ја придобијам публиката.”

Автор: Силвера Падори

Редактор: Александра Трајковска