Уапсени шверцери на ураниум
26 август 2010Еден весник на интернет во средата (25.08) објави снимка од спектакуларното апсење. „Тројца членови од криминалната група беа фатени на дело, се трага по останатите четворица. Во тек се соодветни мерки за нивно пронаоѓаењ и апсење“, изјави портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Кирил Мотспан.
Запленет ураниум 238
Шестмина од бандата се од главниот град Кишињев, а еден од независната територија Транснистрија. Тројца од осомничените во минатото биле обвинети за трговија со украдени работи и радиоактивен материјал во Молдавија, Романија и Русија. Двајца членови на бандата се пензионирани молдавски полицајци, соопшуваат властите.
Полицијата ја следеше седумчлената банда четири недели, додека бараа муштерии за скоро два килограми ураниум. На истражувачите им успеа да купат еден грам од радиоактивниот материјал, кој се испитуваше во САД. Експертизата покажа дека станува збор за ураниум 238. Кирил Мотспан вели: „Материјалот може да се користи за цивилни, но и за воени цели. Иако запленетото количество е големо, сметаме дека не е доволно за да се произведе оружје за масовно уништување.“
Радиоактивниот материјал ќе се испитува во Германија
Но, експертите велат дека од запленетото количество може да се направи бомба, која при експлозијата ослободува радиоактивен материјал. И понатаму останува неразјаснето потеклото на ураниумот. Полицијата тврди дека Молдавија била само транзитна земја: „Радиоактивниот материјал ќе биде однесен во Германија, во специјален центар за истражување. Таму ќе биде одреден степенот на радиоактивност и земјата на потекло.“
Властите претпоставуваат дека тој бил увезен од Русија, САД, Канада или Казахстан.
Автор: Кристина Нагел/ Јасна Мушиќ Јанчулева
Редактор: Александра Трајковска