1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Тенковите се тркалаат, проблемите остануваат

Арам Екин Дуран/сн27 јули 2016

По обидот за државен удар, во Турција во сила е вонредна состојба. Ситуацијата потсетува на онаа на крајот од 90-те, кога владата водеше војна против курдските бунтовници. Се разбира, има и некои впечатливи разлики.

https://p.dw.com/p/1JWZg
Фотографија: Getty Images/C. McGrath

Сите продавници во Истанбул се отворени и улиците се преполни со луѓе, и покрај вонредната состојба во земјата. Тенковите кои во Турција се навикнаа да ги гледаат во југоисточниот дел од земјата не се појавуваат во големите градови. Последната вонредна состојба беше прогласена во 1987 година со цел справување со сепаратистичката Курдска работничка партија (ПКК), за време на поранешниот премиер Тургут Озал. Таа беше ефикасна во доминатно курдските провинции на југоистокот и го отвори патот за илјадници нерешени убиства, систематска тортура, палење на села и други тешки кршења на човековите права.

Според најновите податоци, бројот на граѓани во Турција изнесува 78,7 милиони, а 47 милиони од овие луѓе се родени по 1980. година - во годината на турскиот озлогласен воен удар. Ова значи дека досега повеќе од половината од Турците никогаш не биле соочени со концептот за државен удар. „Имав слушнато многу од моето семејство за претходните удари“, вели 19-годишната студентка Лорин Догантурк за Дојче веле, „но многу е тешко да се мисли дека овие настани ќе бидат преземени од минатото и повторно ќе оживеат денес“. Студентката признава дека таа има проблеми со спиењето по насилната ноќ кога имаше обид за државен удар: „Звуците на оние борбени авиони, вестите дека бројот на жртвите се зголемува, бомбардирањата - изгледа како тоа да може да се случи повторно во секој момент“, вели Догантурк.

Türkei Lorin Dogantürk in Istanbul
Лорин ДогантуркФотографија: DW/A. Duran

Сеќавање на жртвите

Сеќавањето на 246 луѓе кои загинаа во ноќта на 15 јули е сѐ уште живо во Истанбул. А огромен панел е подигнат на плоштадот Таксим со имињата на жртвите. Телевизиските екрани во подземната железница и во автобусите емитуваат снимки во спомен на мртвите.

Дел од граѓаните сметаат дека декларацијата за вонредна состојба и намалувањето на тензиите на улиците доведоа до некаква удобност. „Јас никогаш не сум доживеал вонредна состојба предходно. Тоа може да биде ефикасно - Божја волја“, вели 27-годишниот возач Ибрахим Кунџу. Тој додава дека вонредната состојба досега не влијаела врз неговата работа. „Ние стоиме зад нашата држава“, додава тој, истакнувајќи дека вонредната состојба треба да остане сѐ додека сите оние кои се одговорни за заговорот за државен удар не бидат казнети.

Türkei Kenan Seker in Istanbul
Кенан ШекерФотографија: DW/A. Duran

Сопственикот на продавница Кенан Шекер очекува државата веднаш да ги уапси заговарачите на државниот удар. „Јас нема да го заборавам 15 јули никогаш во мојот живот“, вели 40-годишниот човек. Кога видел на телевизија дека зградата на турскиот парламент е бомбардирана, тој излегол на улица и видел дека блискиот воен објект е блокиран од страна на толпа цивили, вели тој за Дојче веле. „Кога видовме дека толпата што излегува на улиците е во пораст, тоа ни даде сила и надеж.“

Сегашните закони за вонредна состојба не се многу различни од оние претходните кои беа укинати со пресудата од страна на Партијата за правда и развојот (АКП) во 2002. година, вели новинарот и писател Фехим Исик. „Со декларацијата за вонредна состојба, владата се стекна со огромни овластувања.“ Тој не верува во тврдењата на претседателот Ердоган дека вонредната состојба ги погодува само пучистите .

Türkei Ibrahim Küncü in Istanbul
Ибрахим КунџуФотографија: DW/A. Duran

Стари конфликти, стари рецепти

„За жал е невозможно, за оваа тема да не се биде песимистичен“, вели Исик, Репресивната политика на владата во врска со објавувањето на вонредната состојба е алармантна.

„Дури и во периоди на масивен конфликт не беше прогласена вонредна состојба“, вели Исик, мислејќи притоа на постојаните конфронтации на турските безбедносни сили и ПКК. Постапките на владата денес се уште побрутални отколку пред 30 години.

„Оние кои ја водат земјата, можат да постапуваат без какви било обѕири. Што се однесува до политиката кон Курдите, тие дури не се придржуваат ни до сопствените закони“, вели овој новинар.

Тој не верува дека владата на Ердоган сериозно ќе им излезе пресрет на Курдите. „Дури откако Ердоган ќе го добие она што го сака, имено целосна контрола над земјата, ситуацијата би можела да се промени“, заклучува Исик.