1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Сё или ништо за Ердоган

Карин Сенц
30 март 2019

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со недели е во предизборен модус, секој ден зборува на митинзи низ цела земја. Притоа, неговото име не е на гласачките ливчиња, на 31. март се одржуваат комунални избори.

https://p.dw.com/p/3Fso4
Türkei Istanbul Hagia Sophia | Wahlplakat Präsident Recep Tayyip Erdogan
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Akgul

На 31. март се одржуваат комунални избори во Турција, на нив на партијата на Ердоган, АКП, ѝ се закануваат загуби, посебно во Анкара, а ако дојде дотаму, турскиот претседател се закани дури и со принудна управа. Притисокот е енормен, посебно поради економските проблеми во земјата. 

Потпалување на гласачите

На еден од изборните настапи, Ердоган пееше за солзи, надежи и љубов. Но, Реџеп Таип Ердоган знае и сосема поинаку: секогаш одново по крвопролевањето прикажува инсерти од видеото на атентаторот од Крајстчрч, навистина замаглени, но истрелите ечат од разгласот на митинзите. А сето тоа во живо се прикажува на телевизија. На младиот Курд Билал од ова веќе одамна му е преку глава:

„Веќе не сакам да го вклучам телевизорот и да гледам вести. Политиката во Турција постојано се служи со претерувања. ‘Ако не гласаш за мене, тоа значи крај за Турција'. Се водат вакви кампањи, а тоа е глупост“.

Билал нема да гласа в недела. Ниедна од партиите не е убедлива за него, сите го разочарале. Деновиве тоа се слуша од многумина Турци. А притоа воопшто не се гласа за Ердоган, неговата Партија за правда и развој или други партии. Се избираат градоначалници, советници, старешини. Во големите градови како Анкара, Истанбул и Измир на кандидатите на АКП им се заканува можен пораз. За таков случај Ердоган веќе навести дека престолнината може да ја стави под принудна управа.

Повеќе:

Локалните избори - тест за Ердоган

Турција: Ако немате за леб, јадете зеленчук

Во курдските области такво нешто е веќе познато. Овде се разрешени сите градоначалници од ХДП, Демократска партија на народите, а новите кандидати се етикетирани за терористички поддржувачи и непријатели на земјата кои сакаат да ја поделат:

„Постои ли во Турција регион Курдистан? Не. Имаме ли регион Југоисточна Анадолија? Имаме. Имаме ли Источна Анадолија? Имаме. Исто како и Црноморски и Средоземноморски, Егејски регион“, вака Ердоган си игра со неговата публика на митинзите, а таа одушевено му одговара. Ердоган ја обожува бината. Но, на неа нема место за масивните економски проблеми на Турција.

Türkei Kommunal-Wahl 2019 in Istanbul
Најголема битка за освојување на метрополите, посебно Истанбул и АнкараФотографија: DW/A. Ekin Duran

Економски проблеми

Лирата е нестабилна, инфлацијата висока, електричната струја, месото или доматите многумина тешко можат да ги платат.

Шефот на најголемата турска опозициска партија ЦХП, Кемал Киличдароглу, истакнува:

„Дома гори, народот страда, денес не се купува во килограми, туку во грамови и на парче, исто важи и за месото. А потоа доаѓа еден министер и вели дека треба да се јаде повеќе зеленчук, да, ама и тој е скап. Што да прави народот? Во кујната гори, но претседателот тоа не го гледа. А зошто? Затоа што живее во палата“.

Владата на ова одговара со продажба на евтин зеленчук на посебни тезги. Но, долгите редици пред нив не се вклопуваат во сликата на нацијата во економски подем, каква што Ердоган радо ја претставува Турција.

Тој виновниците ги бара во странство, во предизборната кампања се множат теории на заговор.

Ердоган комуналните избори ги претвори во избор за опстанок на нацијата. Притоа им се обраќа на своите конзервативни гласачи, како примерот со иднината на познатата Света Софија во Истанбул:

„Влезот во Света Софија можеме да го направиме бесплатен. И не само тоа, туку по изборите можеме од Света Софија да направиме она што таа била порано. Што значи тоа? Од музејот Света Софија можеме повторно да направиме џамија“, изјави Ердоган.

Плановите не се нови, но се вклопуваат во изборната кампања, станува збор за маневар за одвратување на вниманието. Емин Капа работи во ТВ Халк, која е критички настроена кон владата. Тој вака ја сумира изборната кампања:

„Толку ја брануваат и распенуваат водата за никој да не види и забележи колку е таа вистински матна".

Толкава директна критика деновиве во Турција е ретка. Мнозинството медиуми, блиски до власта, без коментари ги пренесуваат еден по друг настапите на Ердоган.