1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тупурковски тврди: пресудата е одмазда

8 април 2009

Васил Тупурковски денеска на прес конференција ја изнесе својата вистина за „Тајванската милијарда“, откако во понеделникот беше осуден поради овој случај на три години затвор.

https://p.dw.com/p/HSzy
Професорот и екс-политичар ја одрекува вината-ТупурковскиФотографија: DW/Stojanovski

„Судската пресуда во која јас сум обвинет за злоупотреба на службената должност е одмазда. Во Македонија се‘ уште функционираат методите на инквизиција. “

Ова денеска во Скопје на конференција за новинарите го изјави Васил Тупурковски, кој во понеделникот беше осуден на три години затвор за злоупотреба на службената должност при делењето на кредитите од Тајван, како директор на Агенцијата за обнова и развој во 1999 година. Судот досуди и конфискација на неговиот имот во вредност од два милиони евра.

Во корист на неговата невиност неодамна сведочеше и Љубчо Георгиевски, кој во тоа време беше премиер и се согласи со авантурата Македонија да го признае Тајван, што го форсираше Тупурковски од тогашната партија Демократска алтернатива, а за возврат државата да добие една милијарда долари финансиска помош. Целата авантура заврши со прекин на дипломатските односи со Тајван и повторното воспоставување на политичките односи со Пекинг.

Со политичката кариера Тупурковски заврши практично во 2000 година, по неуспешниот обид да стане претседател на Македонија. Неодамна повторно беше избран за претседател на Македонскиот олимписки комитет.



Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска