Тројката во повторна мисија во Грција
2 јули 2012Дали ќе се ослободи дополнителна помош за Грција и дали моменталната програма за штедење ќе треба да се „прилагоди“, ќе зависи од долго-очекуваниот извештај на финансиските контролори.
Неколку пати меѓународните финансиски експерти мораа да ја одложат својата посета, а како последна причина беше здравствената состојба на некои членови во владата на конзервативниот лидер Антонис Самарас. Тројката не сакаше да се вмеша во постојаната изборна кампања во Грција и не сакаше да дојде во земјата пред формирањето на владата.
Нова влада – нови преговори?
Сега е дојдено времето за соочување. Новата грчка влада беше избрана со ветување дека повторно ќе преговара за моменталните мерки за штедење. Владата на Самарас очекува барем продолжување на реформскиот курс до 2016-та година, за земјата „конечно да земе здив“, како што во Атина често се вели. Во земјата има рекордна невработеност од 23 проценти и рецесија од седум проценти во третиот квартал од годинава.
Се очекува Тројката да нагласи дека одамна ветените реформи стагнираат, посебно во однос на оданочувањето, приватизацијата и реструктуирањето на администрацијата. При последната посета во октомври 2011-та година, шефот на делегацијата од ММФ, Пол Томсен, предупреди дека мерките преземени до тогаш уште долго нема да бидат доволни.
„Мораме Тројката позитивно да ја изненадиме и еднаш повеќе да постигнеме од она што сме го ветиле“, рече тогаш економскиот експерт од редовите на конзервативците Костас Хаџидакис. Тој сега е министер и има можност својата теорија за либерална економија да ја претвори во пракса. Постојат индикации дека владата водена од конзервативците посебно сака да започне со приватизацијата, за да ја добие повторно довербата на меѓународните инвеститори.
Парите ги снемува
Времето истекува. Според грчките медиуми, владата има пари за до крајот на јули или, пак, средината на август. Потоа, земјата ќе стане инсолвентна. Згора на се’, владата во Атина мора да и’ плати на Европската централна банка над три милијарди евра за државни обврзници. Дополнителни уплати во вкупна вредност од 512 милиони евра мораат да се направат до крајот на август.
Во земјата има и добри вести. Според најнов извештај на меѓународните донатори, Грција го намалила својот државен апарат во минативе три години. Од 2009-та година бројот на вработувања на неопределено време е намален за речиси 11 проценти на 780.000.