1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трета последовна победа на Баерн

27 август 2007

Први успеси на Штутгарт, Вердер, Борусија (Д) и Баер (Л). Домашните тимови поуспешни, слаба ефикасност и добра посетеност – тоа се основните карактеристики на треторо коло на фудбалската Бундеслига

https://p.dw.com/p/BYHH
Од натпреварот Баерн - Хановер: честитки за Марк ван Бомел, стрелец на вториот голФотографија: picture-alliance/dpa

Три натпревари – три победи, гол-разлика 10 спрема 0 – Баерн досега нема постигнато подобар биланс на стартот на првенството од сегашниов. Хановер немаше никакви шанси на гостувањето во докрај исполентата Алијанц-Арена, што ја напушти поразен со 3 спрема 0. “Задоволство приреди пред се’ второто полувреме. Во првото имавме мачна задача, но бевме определени за напаѓачка игра, а тоа е секогаш основа за играчите да можат да се надраснат себе си. Така се зголеми и самодовербата” – сјаеше од задоволство тренерот на Баерн Отмар Хицфелд.

За 58-годишниот Хицфелд ова беше јубилејна, 250-та победа со тимовите што ги водел во Бундеслигата: 140 забележа со Баерн, 110 како тренер на Борусија Дортмунд. Повеќе победи како тренери имаат постигнато само Ото Рехагел – 387 и Удо Латек – 282. Со Борусија Хицфелд освои две, а со Баерн 4 шампионски титули. Стартот во новото првенство ветува нов триумф. “Има разлика во однос на минатата година, кога имавме тим кој беше малку презаситен по двете освоени двојни круни во првенството и купот. Сега имаме многу нови играчи кои сакаат да ја освојат титулата и да се докажат” – вели Хицфелд.

На два бода зад Баерн на табелата се екипи на кои им се предвидуваше борба за опстанот – Арминија, Бохум и Ајнтрахт. Арминија, која во Билефелд ја совлада Херта Берлин со 2 спрема 0, го бележи најдобриот старт за последните 25 години. “Многу сум задоволен со работата, со ангажманот севкупно, но и на секого поединечно – од голманот доиграчите што влегоа како замена” – рече тренерот Ернст Мидендорп. Бохум му го нанесе првиот пораз на Хамбургер со два спрема 1, а Ајнтрахт ја победи Ханза Росток, единствениот тим без освоен бод во првите три кола, со 1 спрема 0.

Хамбургер на петтото место има 6 бодови, со еден помалку зад него е Шалке, кој во Волфсбург одигра нерешено 1 спрема 1. Следуваат со по 4 бодови екипи од кои се очекуваше повеќе и кои дури во третото коло и’ се израдуваа на првата победа.

Баер во Леверкузен го совлада новиот член на лигата Карлсруер со 3 спрема 0. “Ако не победевме денеска, веројатно со недели ќе останевме во долниот дел на табелата, дури и да не загубевме многу бодови. Поради тоа е добро што денеска победивме и ги постигнавме првите голови во првенството” – со олеснување констатира тренерот Михаел Скибе.

Голем товар падна и од тренерот на Борусија Дортмунд Томас Дол по победата од исто така 3 спрема 0 против Енерги Котбус. “Мислам дека денеска покажавме оти уште не би требало нас да не отпишат во Лигата. Ова беше мал нов почеток” – ги предупреди Дол конкурентите.

Единствениот гол на Марио Гомес против Дуизбург конечно го врати шампионот Штутгарт на победнички колосек, и покрај многубројните повреди на играчи со кои се бори на почетокот од првенството. “Мора да се провлечеме низ овој период, што се’ уште не сме го надминале. Ќе ни требаат уште неколку недели додека да бидеме целосно фит” – ја опишува ситуацијата тренерот Армин Фе.

Со слични проблеми се бори и неговиот колега од Вердер Томас Шаф, кој на гостувањето на жешкиот терен во Нирнберг не можеше да смета на 10-мина повредени играчи. Оттука победата со 1 спрема 0 е дотолку позначајна: “Важно е како екипата ја прифати ситуацијата, како што се покажа овде – ние од самиот почеток бевме подготвени да одиме во дуели, бевме подготвени да отвораме патишта, бевме подготвени да си помагаме едни на други” – анализира Шаф.

Шест екипи имаат по три бодови – Дуизбург, Херта, Борусија Дортмунд, Карлсуер, Нирнберг и Хановер. На дното на табелата се Енерги со 1 и Ханза без бодови.

Средбите ги следеа вкупно преку 370 илјади гледачи, односно во просек преку 41 илјада по натпревар. Голманот на Штутгарт Рафел Шефер го одигра јубилејниот, 100-ти натпревар во Бундеслигата, а во неа деби имаа Тобијас Гран и Стив фон Берге од Херта, потоа Марк Пферцел од Бохум. Мартин Харник во дебито во дресот на Вердер веќе во 5-тата минута го постигна и својот прв гол со кој му ја донесе победата на тимот од Бремен. Бразилецот Жозие дебитираше во Волфсбург и доживеа веднаш да биде исклучен поради втор жолт картон. Во Ханза дебитант беше Бразилецот Диего Мораиш.

За спортисти казнети за допинг нема настап на олимпијадата

Во петокот, на заедничката седница со раководството на Светската атлетска федерација со Осака, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог најави натамошни сериозни консеквенции за врните спортисти кои се служат со допинг-средства: “Меѓународниот олимписки комитет уверува дека на спортисти кои поради злоупотреба на допинг ќе бидат казнети со најмалку шест месеци забрана за настап, нема да им биде дозволено учество на наредните олимписки игри. Ќе ги повишиме паричните казни, а со меѓународната федерција ќе ги испитаме можностите за воведување парични казни за спортистите секогаш кога е потребно”.

Германките – првенки на Европа во хокеј

Германија за прв пат стана европски првак во хокеј на трева за жени. Во финалето во Манчестер Германките ја победија селекцијата на шесткратниот европски првак Холандија со 2 спрема 0. Анке Кин, играч од средниот ред, изјави: “Мислам дека прикажавме многу добра, сплотена екипна претстава. Искрено речено, очекував малку повеќе од Холанѓанките”.